Тоа што AMG го прави за Mercedes, Brabus го прави уште поекстремно. Ексклузивниот тјунер извлече 500 КС од хибридниот Mercedes S 500. Но, Brabus не останува само на моторот.
Не постои модел на Mercedes на когошто тјунерската работилница од германскиот Ботроп не му има фрлено око да извлече уште повеќе коњски сили. Ниту изведбата на класата S со хибриден погон не е исклучок. Brabus примени специјално мапирање за впрскувањето и палењето, заедно со умерено зголемено притисок на натполнење, што резултираше со плус 52 КС и плус 70 њутнметри вртежен момент. По овој третман, Mercedes S 500 Plug-In Hybrid станува Brabus PowerXtra B50 Hybrid и место стандардните 333 КС, бензинецот со турбонатполнење завршува со 385 КС при 5.600 вртежи и 550 њутнметри меѓу 1.600 и 4.000 вртежи. Во комбинација со електромоторот се постигнува системска моќност од 500 КС и 890 њутнметри.
Не се само бројки, туку и посебно чувство на тјунингот на Brabus
Со оваа моќ, големата лимузина забрзува до сто за 4,9 секунди, а крајната брзина е ограничена на 250 km/h поради хибридната технологија. Според инженерите на Brabus, не се сведува сé на зголемувањето на моќноста, туку и на посебното чувство во возењето. Големо внимание било посветено погонот да функционира совршено во четирите модуси на работа на хибридот, исто како и да се задржи издувната норма Euro VI.
По оваа интервенција во погонот е нормално да се замени и стандардниот издувен систем, со спортска изведба на Brabus, изработена од благороден челик и со четирите издувни цевки во препознатливиот дизајн на куќата. Понудата на специјалистот од Ботроп понатаму опфаќа специјален каросериски кит, којшто ја оптимира аеродинамиката за високи брзини, секако додавајќи и посебен стилски печат. Детали како светилка во логото во предните крила што се активира при отклучувањето преку далечинското или повлекувањето на рачката на вратата се дел од перфекцијата на Brabus.
















