за

Двестотини електрични возила за климатската конференција во Париз

За првпат во рамките на климатската конференција на Обединетите Нации, целиот возен парк ќе го сочинуваат електрични возила. Renault и Nissan ќе испорачаат 200 возила со нулта емисија на штетни материи.

На 21-та климатска конференција во Париз ќе се возат исклучиво автомобили со погон на струја од партнерите Renault и Nissan. Тоа произлегува од договорот што двете автомобилски компании го потпишаат денес со Генералниот секретаријат на ОН, во подготовките за климатската конференција, којашто ќе се одржи во Париз кон крајот на годината. На конференцијата на ОН се очекуваат да пристигнат од 20.000 учесници од 195 држави. Возниот парк за важниот настан за светската клима за првпат ќе го сочинуваат автомобили што не испуштаат ниту грам штетни материи.

Возниот парк на COP21 ќе биде составен од Renault Zoe, Renault Kangoo ZE, Renault Fluence ZE, Nissan Leaf и Nissan e-NV200, сите со погон на струја и сите достапни во редовна продажба. Овие автомобили ќе им бидат достапни за шоферски превоз на делегатите 24 часа на ден, 7 денови во неделата, на сите клучни локации околу конференцијата и како дополнување на јавниот превоз.

Почнува доделувањето средства од климатскиот зелен фонд за земјите во развој

Целта на парискиот самит е да се постигне нова глобална спогодба за климатските промени до крајот на 2015 година, како и да се почне со доделување на средства од климатскиот зелен фонд, воспоставен како помош на земјите во развој да се приспособат на климатските промени и да ја намалат штетната емисија.

„Чест ни е да објавиме дека алијансата Renault-Nissan е официјален партнер на COP21 во Париз. Електричните возила на алијансата ќе придонесат во реализацијата на целта да се организира манифестација што е неутрална во поглед на емисијата на СО2. Технологијата на електричните возила со голема ефикасност придонесува за намалување на гасовите на стаклена градина,“ изјави Лорен Фабиус, министер за надворешни работи и меѓународен развој, воедно и претседател на СОР21.

Nissan Leaf: Шампионот меѓу електричните возила со 240.000 продадени примероци во светот
Nissan Leaf: Шампионот меѓу електричните возила со 240.000 продадени примероци во светот

Автомобилската алијанса ќе соработува со француските компании со цел да се обезбеди мрежа од 50 станици за полнење на батериите на електричните возила, коишто ќе се снабдуваат со струја што целосно е добиена од обновливи извори. На овие брзи полначи, батериите достигнуваат наполнетост од 80 проценти за само половина час.

Renault и Nissan се водечки производител на електрични автомобили во светот. Само Nissan Leaf, од декември 2010 година се има продадено во близу 240.000 примероци на светскиот пазар. Од три електрични возила што се продаваат во светот, едно е од марките на француско-јапонската алијанса. За време на одржување на конференцијата, Renault-Nissan ќе обезбедат и десет возила за тест возење за јавноста.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Škoda Superb Combi со багажник од два метра кубни

500 КС и 4,9 секунди до сто: Brabus тјунира Mercedes со хибриден погон