462 КС за хибридната изведба на Porsche Panamera

Panamera 4 E-Hybrid е четвртата моделска изведба во семејството на спортската лимузина на Porsche. Наспроти моќ од 462 КС и погон на сите тркала стојат потрошувачка од 2,5 литри на сто километри и досег на струја до 50 километри.

На салонот во Париз за првпат ќе биде прикажана хибридната изведба од новата генерација на Porsche Panamera. Со системска моќност од 462 КС и вртежен момент од 700 њутнметри, Panamera 4 E-Hybrid е послаба во гамата единствено од Panamera Turbo со 550 КС. Затоа, хибридот се докажува во потрошувачката: Само 2,5 литри бензин за првите сто километри. Покрај тоа, спортската лимузина со две срца минува до 50 километри со полни батерии и може да достигне 140 километри на час при погон на струја.

278 километри на час и 4,6 секунди до сто за хибридната Panamera

Крајната брзина на спортската лимузина со погон на сите тркала изнесува 278 километри на час, а спринтот до сто трае 4,6 секунди. Трикоморната пневматска амортизација следува стандардно во E-Hybrid и се грижи за задржување на добриот баланс меѓу комфорот и возните својства, и покрај дополнителната тежина од батериите и од компонентите од електричниот погон.

Porsche Panamera 4 E-Hybrid

Исто како кај суперспортскиот 918 Spyder, електромоторот со 136 КС и 400 њутнметри реагира уште при најслабото притискање на педалот за гас. Кај претходникот, педалот мораше да се притисне до 80 проценти од неговиот работен од, за да се ослободи дополнителната моќ од електромоторот. Бензинецот е 2,9-литарски V6 со битурбо натполнење, 330 КС и 450 њутнметри. Panamera ја користи моќта од електромоторот и за зголемување на крајната брзина, што инженерите во Цуфенхаузен го нарекуваат „тјунинг на иднината“.

Разлика во споредба со претходникот има и во самиот хибридн модул. Место со електрохидрауличен систем, моторот и електромоторот во новата Panamera 4 E-Hybrid се поврзани со разделна спојка со електромеханичка контрола. Од тоа произлегува уште покусо време на реакција. За преносот на сила до погонот на сите тркала се користи втората генерација на менувачот со двојна спојка и осум степени на пренос, во замена за осумстпениот автоматик со претворач на вртежниот момент од претходникот.

Поголем капацитет на батериите, но иста тежина како кај претходникот

Електромоторот се напојува преку литиум-јонски батерии под подот на багажникот, со капацитет зголемен од 9,4 на 14,1 киловатчасови, но со непроменета тежина. Полнењето преку стандардната струјна мрежа трае 5,8 часови со стандардниот полнач од 3,6 киловати и 10 ампери, односно за 3,6 часови со опционалниот полнач од 7,2 киловати и 32 ампери. Преку мобилна апликација може да се програмира полнењето, а по потреба и да се вклучи загревањето или ладењето на кабината.

Porsche Panamera 4 E-Hybrid

Пакетот Sport Chrono следува како стандард во 4 E-Hybrid, а со тоа и прекинувачот Mode вграден во воланот. Преку овој прекинувач се избираат спортски или екстремно спортски модус, а дополнително и „E-Power“, „Hybrid Auto“, „E-Hold“ и „E-Charge“. Хибридната Panamera секогаш поаѓа во електричниот модус „E-Power“.

Цената на Panamera 4 E-Hybrid изнесува 107.553 евра без ДДВ, испораките започнуваат во средината на април.

[FAG id=25458]

Претходна објаваVolkswagen ќе го произведува Polo во Кенија
Следна објаваHonda Civic подготвена за премиера кон крајот на септември

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here