за ,

30-годишнина на Alfa 33

Со еден милион примероци, Alfa 33 е најпродаваната спортска лимузина на марката, но остана во сенка на моделите Giulia и Giulietta.

Во 1983 година миланската куќа ја претстави Alfa 33 како наследник на легендарната Alfasud. Името на моделот потекнува од Alfa Romeo Tipo 33, која што љубителите на мотоспортот ја познаваат како еден од најславните победници во светските шампионати. Основен белег на моделот беа четирицилиндарските боксер мотори, расположени за вртежи и со моќен звук.

Боксер моторите ги поседуваше и претходникот Alfasud, но тој имаше судбина корозијата да биде побрза од возилото. За среќа, Alfa 33 го надмина овој проблем. Острите линии на каросеријата со препознатлив кус опаш беа дело на дизајнерот Ермано Крескони. Една година по премиерата на лимузината се појави и Giardinetta, како стилско комби со дизајнерски потпис од Pininfаrina. За дванаесет години се произведоа точно еден милион примероци од Alfa 33, што на марката со змија во логото ѝ обезбеди влез во клубот на производители со милионски серии.

ARHA0792_331.5Giardinetta4x41983-1988_1024

Тоа беше балзам за страдалната душа на Alfa Romeo, која што во 1980-те години се најде во длабока финансиска криза предизвикана со Alfasud, а веднаш по неа и со моделот Arna, како производ од несреќната соработка со Nissan. Затоа пак, публиката и медиумите ја прифатија Alfa 33 со одушевување. Боксер моторите со остар звук обезбедуваа спортски перформанси, а ентузијастите ги ценеа посебно по тоа што остануваа смирени и при 7.000 вртежи, кога се вклучуваше заштитата од прекумерни вртежи.

Во почетокот, предните тркала добиваа погон од 1,3-литарски мотор со 75 и 1,5-литарски мотор со 84 КС, а во 1986 година се придружи и 1,8-литарски турбодизел со 73 КС. Алфистите не беа особено одушевени од грубата работа на дизелот и сметаа дека тој не одговара на спортскиот карактер на Alfa Romeo, поради што овој модел претежно се нудеше на домашниот пазар.

Ѕвезда под хаубата беше 1,7-литарскиот бензинец со 132 КС, со кого Alfa 33 ја пречекори тогашната звучна бариера од 200 километри на час и им се спротивстави на VW Golf GTI и на Opel Kadett GSI, но и на поголемите и поскапи лимузини, како Audi 80 16V или BMW 318 iS.

ARHA0795_331.54x41985-1986_1024

Во ноември 1984 година, во фабриката на Pininfarina почна монтажата на Alfa 33 4×4, со постојан погон на сите тркала. Според традицијата на Alfa Romeo, најопремените моделски изведби ги носеа ознаките Quadrifoglio Verde и Quadrifoglio Oro, со зелена, односно златна четирилисна детелина. Најексклузивен модел е Z33 Tempo Libero, кого што каросериската работилница Zagato го прикажа како концептен автомобил на салонот во Женева во 1984 година. Со преден дел во стил на поголемата Giulietta, но на платформа на Alfa 33 Quadrifoglio Oro, Италијанците создадоа компактен ван, но се покажа дека овој модел е премногу пред времето и никогаш не влезе во сериско производство.

ARHA0765_331.5QuadrifoglioOro1983-1984_1024

Многумина сметаат дека изгледот на кокпитот беше премногу ексцентричен, а остри критики добиваше и евтината и тврда пластика, која што не одговараше со дрвените волани во најопремените модели, исто како и непрегледно распоредените инструменти. Овие забелешки не беа пречка за одличната продажба на Alfa 33. По првиот фејслифт, малечката Alfa доби кокпит со поумерен дизајн. Автомобилот е реткост да се сретне на улиците и тој ја дели судбината на повеќето автомобили од масовно производство од тој период. Добро сочуваните примероци на пазарот за користени возила постигнуваат повисока цена отколку наследникот Alfa 145 кој што беше претставен во 1994 година.

ARHA0982_33Permanent41991-1994_1024

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Десетте најопасни патишта во светот

Toyota Auris Hybrid извозе 100.000 километри без дефект