Пред повеќе од четвртина век, Германецот Гунтер Холторф појде на патување околу светот. Синоќа овој 77-годишен пензионер се врати во својот дом во Германија. Неговиот Mercedes G останува во музеј.
Како си го замислувате вашето патување од соништата? Четири недели низ цела Африка? Пеш во откривање на Нов Зеланд? Крстосување по Канада со кампинг приколка? Гинтер Холторф би се насмеал на тоа. Овој 77-годишен Германец во саботата се врати по 26 години од неверојатното патување околу светот. Светскиот патник ги извозе речиси сите држави на земјината топка, запознаваше туѓи култури и си го спасуваше животот од дивите животни. Негов верен сопатник на патувањето беше небесно сино теренско возило, коешто Холторф го нарекува „Ото“. Овој Mercedes-Benz од класата G од 1988 година помина неверојатни 900.000 километри без ниту еден дефект на моторот. Во саботата, на 11-ти октомври, Ото се врати во својот дом во Германија. За него е резервирано место во музејот на Mercedes-Benz во Штутгарт, кадешто посетителите ќе можат да го разгледуваат во следните десетина денови. Тоа е најсоодветното место за пензионирање на овој маратонски автомобил.
Кога Гинтер Холторф и сопругата Кристине во 1989 година појдоа на патување со цел да посетат колку е можно повеќе држави по целиот свет, класата G беше присутна на пазарот само девет години. Холторф тогаш уште се сомневаше дека теренското возило со сребрена ѕвезда во маската ќе ги издржи предизвиците на патувањето околу светот. Но, ова почетна скепса за кусо време прерасна во целосна доверба во способноста на Ото.
Тоа што Холторф го цени најмногу во класата G е „стабилноста и изржливоста на механиката. Пред неколку месеци се превртев двапати во Мадагаскар, откако излизгав по една надолнина. Ова возило ми го спаси животот и помина со незначителни удари. Мене лично не ми недостигаше ниту влакно од главата и излегов неповреден. Додека возилото се превртуваше имав чувство: Сето тоа се случува надвор, а јас сум внатре.“
Нема сомневање деака патувањето со Ото во сите климатски зони е најголемата животна авантура на Гунтер Холторф. Шефот на Daimler, др. Дитер Цече, додека возилото официјално се предаваше во музејот на Mercedes и воедно се одбележуваше 35-годишнината на серијата G, со одушевување зборуваше за подвигот на Холторф: „Отсекогаш сметав дека го имам пронајдено најдобриот начин за 365 денови во годината да бидам со Mercedes на сите континенти. Но, вие го направивте тоа во сосема друга лига. 26 години, 215 држави, 900.000 километри – такво нешто досега немало и веројатно нема ниту да има!“
Ото ќе добие почесно место во делот со олдтајмери во музејот на концернот од Штутгарт. Додека светскиот патник на четири тркала заминува во заслужена пензија, Гинтер Холторф повторно повторно продолжува по светските простори. Тој планира во декември да замине на одмор по јужната полутопка. Цече коментира: „Ото ја достигна целта тука во музејот на Mrcedes-Benz. Но вие, драг господин Холторф, се надевам дека уште долго нема да се смирите. Се сеќавам на неколку примери коишто можат да посведочат дека и на 70 години може да се направат големи подвизи. Јозеф Рацингер, на пример, стана папа на 78 години, а папите веќе со децении ја користат класата G како службен автомобил.“
















