20 години од првиот модел на Skoda под концернот Volkswagen

Пред 20 години беше произведен брвиот модел на Skoda по влезот во концернот Volkswagen. До 2001 година се произведоа 1,4 милион возила од моделот Felicia

Felicia е моделот што го означи почетокот на успешниот развој на чешката марка откако концернот Volkswagen ја презеде Skoda во почетокот на 1990-те години. По три години во германскиот концерн, Skoda го претстави наследникот на Favorit, со современа техника, просторна кабина, пристојна изработка и дизајн во чекор со времето. Освен во комбилимузинска и комби изведба, Felicia се произведуваше и како доставен ван и пикап Fun.

На 17-ти октомври во 1994 година, точно во 10.20 часот, од производствените ленти во Млада Болеслава се симна првиот сериски примерок од Felicia. Само девет дена подоцна Skoda го претстави моделот пред јавноста, на промоцијата со три примероци од Felicia во боите на чешкото знаме, на Карловиот мост во Прага. Едно од овие возила им припадна на сопружниците Ондрачек, родители на деветмесечна четворка.

Во Felicia во почетокот се вградуваше бензинец со зафатнина од 1,3 литар, со моќност од 55 и 68 КС, на когошто подоцна му се придружи поголем бензинец на Volkswagen, со зафатнина од 1,6 литар и моќност од 75 КС, како и 1,9-литарски дизел со 64 КС. Доаѓањето на Volkswagen придонесе за значително подигнување на квалитетот и безбедноста во чешката марка. Felicia беше прв модел на Skoda со две воздушни перници и АВЅ, но и со комфорни ставки како клима уред, греење на седиштата, па дури и кожен ентериер во врвната моделска изведба Laurin & Klement.

Во февруари 1998 година, Felicia доживеа моделско освежување, со промени во дизајнот во стил на поголемата Octavia, којашто беше претставена две години порано. По 1.401.489 произведени примероци, во 2001 година лентите ги напушти последната Felicia.

Претходна објаваPorsche е прва компанија со настан во Сикстинската капела
Следна објаваМакедонија: Три од четири автомобили се постари од 10 години

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here