за ,

1000 милји со погон на горивни ќелии: Со водород низ цела Калифорнија

Пет примероци од Mercedes B-Class F-Cell возеа со погон на водород од Лос Анџелес до Северна Калифорнија, без ниту грам штетни материи во издувот. Серискиот старт на „ворододниот“ Mercedes се планира за 2017 година.

Клиенти на Mercedes ја извозеа целата рута од Југот до Северот на Калифорнија со своите Mercedes B-Class F-Cell. По должината на релацијата од Лос Анџелес до Сан Франциско тие ја користеа исклучиво постоечката мрежа од станици за полнење водород. Клучната станица што го овозможи овој подвиг е новоотворена и се наоѓа во Коалинга, во близина на Интерстејт 5.

Колоната составена од пет возила за време на тридневната тура ги користеше четирите полначи за водород што се поставени во Бурбенк, Коалинга, Вест Сакраменто и Емеривил, совладувајќи вкупно растојание од околу 1.000 милји, односно над 1.600 километри. Целта беше на јавноста да ѝ се укаже на постојаното ширење на мрежата од станици за полнење H2 и да се нагласи дека „Калифорнискиот автопат на водородот“ веќе е реалност.

Полнењето на резервоарот со водород трае само три минути: На „батериските“ електромобили им се потребни најмалку 3 часови

Локи Елаф е сопственик на B-Class F-Cell уште од 2011 година и верува во иднината на технологијата на горивните ќелии: „Не ми е потребен автомобил што ќе ме одвезе до работа и назад, за потоа да морам веднаш да го ‘наполнам’. Сакам автомобил со кој што ќе можам да возам и возам. Полнењето на B-Class трае само неколку минути. Тоа е поентата. Поради тоа, неопходна е изградбата на мрежа од станици за полнење водород. Оваа тура го докажува тоа.“

Водородната мрежа во Сончевата Држава денес е ограничена на десет станици. Во следните години се планира нејзино драстично проширување. Само во текот на 2016 година е планирано отворање на над 40 јавни станици за полнење водород.

Со едно полнење на резервоарот на F-Cell се минуваат до 400 километри

Струјата за погонот на Mercedes B-Class F-Cell се добива преку реакција на атмосферскиот кислород со водородот во горивните ќелии во самиот автомобил. Притоа не се создава штетна емисија, туку од издувот излегува само чиста вода. Резервоарот за водород што се наоѓа под притисок од 700 бари овозможува возилото да достигне досег од околу 400 километри, а за полнење на резервоарот се потребни само три минути.

Водородниот Mercedes е произведен како сериски автомобил и клиентите на европскиот и американскиот пазар го користат уште од 2010 година. Целата флота на Mercedes што се задвижува од горивни ќелии се состои од над 300 возила и во моментов има извозено над 12 милиони километри. Седумдесетте примероци од F-Cell во САД имаат поминато 3,2 милиони километри.

Mercedes работи активно на развој на нова генерација возила со погон на водород. Концернот планира да пушти модел во редовна продажна веже во 2017 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

General Motors е следен на список: Сервисен повик поради ризик од пожар

Британија бара ЕУ да ги „олабави“ нормите за издувни гасови