Mini го претстави најдолгиот модел во својата историја. Комбито Clubman е 27 сантиметри подолго од комбилимузината со пет врати и освен со дизајнот и името е единствен во класата и со неколку ставки во опремата.
Mini продолжува со генерациската замена во својата понуда од модели. Последното освежување на британската премиум-марка во сопственост на BMW е Mini Clubman, кој со порастот во димензиите на каросеријата и со многуте практични детали отсега им конкурира на премиум моделите во голф-класата. Ова е најдолгото Mini што досега го има понудено марката. Должината на каросеријата од 4,25 метри е за 27 сантиметри поголема во споредба со класичната комбилимузинска изведба со пет врати, но и ширината е поголема за девет сантиметри и исто толку е подолго меѓуоскиното растојание. Багажникот нуди зафатнина од 360 литри и со соборување на триделната задна клупа може да се добијат до 1.250 литри простор. Посебен детал секако е дводелниот капак на багажникот, согласно традицијата на моделското име Clubman.

Заради поголемо уживање во возењето и за повеќе комфор и безбедност, Clubman нуди повеќе ставки во опремата што за првпат се вградуваат во возило од оваа класа. Тука спаѓаат електрична паркирна сопирачка, па дури и 8-степен менувач Steptronic, електрично местење на седиштата, како и вообичаената игра со светлата во кабината. Единствена опција во класата е можноста за самостојно отворање на дводелниот заден капак, без потреба од повлекување рачка.
Европската продажба на новиот Mini Clubman стартува на 31-ви октомври во три моделски варијанти. Топ-моделот Mini Cooper S Clubman вози со дволитарец со 192 КС, моделот од средината на понудата Mini Cooper Clubman вози со трицилиндарски бензинец од 1,5 литар со 136 КС, додека кај дизелите за прв пат се нуди дволитарскиот мотор со 150 КС во Mini Cooper D Clubman. Сите мотори користат турбонатполнење и директно впрскување на горивото, како дел од новата генерација мотори во групацијата BMW. Цената на основниот модел Mini Cooper Clubman на салонот во Франкфурт изнесува 23.900 евра, додека топ-моделот Cooper S е достапен за 27.500 евра.
















