Сé што оваа британска марка има произведено досега се разликува од стандардната понуда: Комби со распар врати, купе-теренец, кабриолет. Новиов е толку обичен што нема ниту пристојно име.
Британската мини-марка со макси-разновидност во понудата на модели стартуваше со продажба на комбилимузината со пет врати и без име. Додека повеќето од моделите имаат инспиративно име како Paceman, Clubman, Contryman, овој се нарекува едноставно Mini 5 door. Но, веројатно и тоа е дел од британската смисла за хумор. Нека се вика како сака, Mini 5 door е за 16 сантиметри подолг од „класичната“ изведба со три врати и има за седум сантиметри поголемо растојание меѓу оските. Овој простор оди во корист на патниците на задната клупа, кои повеќе не мора да ги стискаат нозете зад предните седишта, а дополнително добиваат и повеќе простор над главата и отстрана.
Секако и пристапот до задната клупа е полесен и повеќе нема потреба од гимнастика при седнување или станување од задната клупа. Дури и задниот капак е обичен, без двојната задна врата од Clubman. Во секој случај, под капакот се наоѓа пристоен багажник со зафатнина меѓу 278 (65 литри повеќе отколку во верзијата со 3 врати) и максимално 941 литри. Со тоа Mini 5 door е подготвен да се соочи со Audi A1 и … па нема други, тоа се единствените модели од премиум сегментот во класата на градските автомобили.
Исто како кај Mini 3 door, гамата почнува со One со трицилиндарски бензинец со турбонатполнење, 102 КС и зафатнина од 1,5 литар, потоа следи Cooper со истиот мотор, но со 136 КС и на крајот е Cooper S, со четирицилиндарец со 192 КС. Од дизелите стојат на располагање One D, повторно со 1,5-литарски трицилиндарец и моќност од 95 КС, Cooper D со 116 КС и Cooper SD со новиот дволитарец со 170 КС. Сите мотори се развиени од BMW и се вградуваат и во сериите 1 и 2, со унифицирана работна зафатина од половина литар по цилиндар, како дел од моторната стратегија на Баварците.
И дали сега Mini 5 door е обичен автомобил, настрана од стилските обележја во каросеријата и во ентериерот, како и од техниката што потекнува од BMW? Секако дека не. Тоа се покажува најдобро кога ќе се пролиста списокот на дополнителна опрема. Покрај богатиот избор на бои за каросеријата, материјали за кокпитот и варијанти, на располагање стојат диодни светла, проекциски дисплеј со подвижна плоча од плексиглас или темпомат што со помош на камера го одржува постојано растојанието од возилото напред и самостојно го сопира возилото при опасност од судир. Блискоста со BMW не се покажува само во платформата и во моторите, туку и во средишниот контролер i-Drive за ракување со сите функции на возилото, вклучувајќи поле на кое што со прст може да се испишуваат букви и бројки за командување со навигацијата или телефонот. Пристапот на социјалните мрежи и до онлајн услугите исто така е вклучен во списокот на таленти на Mini.
За возните својства да не заостануваат зад помалиот брат, верзијата со пет врати ги презема неговото електромеханичко управување, задната оска со повеќе водилки и високото учество на алуминиум во деловите од подвозјето. По желба на купувачот, а тоа секогаш значи со доплата, амортизерите може да работат во комфорна или спортска програма, со соодветни промени и во управувањето.
Единствениот проблем со Mini 5 door е истиот што го имаат и сите останати модели на Mini. Британската култна марка веќе половина година отсуствува од македонскиот пазар, но во последно време сé погласно се шпекулира дека фирма од соседството повторно ќе ни ги донесе марките од групацијата BMW. Новиот Mini со три врати во Србија стартува од 21.590 евра за верзијата Cooper, односно 24.990 за Cooper S, додека дизелите Cooper D и Cooper SD чинат 22.990, односно 26.590 евра. Разликата во однос на верзијата со три врати изнесува точно 1.000 евра. Подоцна во понудата ќе бидат воведени и основните верзии One, со цена од 16.990 евра за бензинецот со 102 КС и 20.990 за дизелот со 95 КС.
















