за

40-годишнина на Honda Gold Wing: Некои автомобили се помали од него

На времето Honda Gold Wing нé одушевуваше со детали, како на пример со степенот за рикверц. По четири децении тој е во најдобрите години. Gold Wing е автомобил на две тркала.

Шестцилиндарски боксер со зафатнина од 1,8 литар, воздушна перница, темпомат, рикверц, шест степени за греењето на седиштето, просторно озвучување од 80 вати – сепак не се работи за автомобил, туку е дел од списокот на опрема на легендата на две тркала, на јапонскиот луксузен крстосувач на две тркала Honda Gold Wing.

Оваа грамада од мотоцикл прво го привлече вниманието со воденото ладење на еднолитарскиот мотор во 1975 година. Оттогаш Gold Wing редовно поставува нови стандарди во развојот на мотоцикли. Во 2006 година тој беше прв и до денес остана единствен што сериски поседува воздушна перница, а по некоја година доби и сателитска навигација. Во неговото 40-годишно присуство на пазарот, тој создаде огромна група на љубители под животното мото: „Еднаш Gold Wing, засекогаш Gold Wing.“

За новата сезона Honda го нуди специјалниот јубилеен модел во три бои. Точниот старт на продажбата и цените на моделот ќе бидат познати дури во првата недела од ноември, по премиерата на салонот на мотоцикли Eicma во Милано. Актуелниот Honda GL 1800 Gold Wing Comfort во ценовникот на Макпетрол чини 25.990 евра, односно две илјади евра повеќе во луксузната изведба DX. Третата варијанта Gold Wing F6B, без топ-бокс, со понизок ветробран и полесна за 28 килограми, достапна е за 23.900 евра.

Возачот мора прво да се справи со жива тежина од 421 килограм – толку покажува на вага Gold Wing. Но, Honda не случајно применува боксер мотор во својот луксузен крстосувач, затоа што на тој начин се постигнува ниско тежиште на мотоциклот, а од друга страна, електомоторот за возење во рикверц го олеснува маневрирањето. Седиштето на 74 сантиметри од патот исто така е фактор што придонесува возачот лесно да се справи со огромната тежина.

Сопствениците што сакаат да привлечат дополнително внимание, покрај импресивната појава на Gold Wing, можат од списокот на опрема да доплатат за просторно озвучување со 80 вати, додека оние другите попрво ќе се решат нивната музика да ја слушаат преку комплет слушалки вградени во шлемот. На списокот на дополнителна опрема се наоѓаат уште безброј ставки, а меѓу нив и ладилник или внатрешно осветлување и тепих во багажникот.

Ако се соберат сите прегради во мотоциклот, Honda Gold Wing нуди вкупен простор за сместување со зафатнина од 150 литри. Некои градски автомобилчиња имаат помал багажник. Во хиперлуксузната сериска опрема спаѓаат пет степени на греење на рачките на воланот, шест степени на пеоветрување и греење за нозете или сирена со далечинска контрола, за мотоциклот полесно да се најде на големи паркиралишта.

За погонот се грижи моќен боксер мотор со шест цилиндри и со зафатнина од 1,8 литар, поточно од 1.832 сантиметри кубни. Со моќноста од 116 КС, исто како и со вртежниот момент од 167 Nm при 4.000 вртежи, моторот би завршил работа и во лимузина од средна класа. Неговиот карактер е дотеран да понуди суверено повлекување и рамномерно ослободување на моќноста во целото работно подрачје. Секако дека значаен фактор за комфорот во возењето претставуваат и шесте цилиндри, како темел за култниот статус на Honda Gold Wing.

Почетните проблеми со подвозјето постепено се надминуваа со доаѓањето на новите генерации. Денешниот Gold Wing се одликува со зачудувачка подвижност и покрај неговата висока тежина. За тоа придонесува алуминумската рамка, со моторот како носечки елемент во истата, како и ниското тежиште. Покрај тоа, предната вилушка од 45 милиметри поседува Anti-Dive функција, додека за стабилноста на задното тркало се грижи крута осцилирачка водилка ProLink. Во карактерот на легендарниот луксузен крстосувач совршено се вклопува и можноста за електронска контрола над предзатегнатоста во водењето на задното тркало, коешто дополнително поседува и меморија за два степена. Повеќе од тоа не може ниту да се замисли.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Проект во Гренобл: Изнајми автомобил на 15 минути, па врати се со сопствениот

Mini 5 door: Конечно обично Mini?