Франкфурт 2015: Borgward – Автомобилот што никој не го бараше

Како што беше најавено уште во Женева, легендарната и некогаш врвна германска марка Borgward излезе со првиот нов модел по половина век. Марката досега го исполни секое ветување. Но, не зависи само од ветувањата.

Повозрасните генерации возачи и добрите познавачи на автомобилската сцена се сеќаваат на некогашната германска марка Borgward. На салонот во Женева пролетоска, наследник на семејната лоза што во 1950-те и 1960-те години се вбројуваше меѓу најголемите индустријалисти во Германија, најави враќање на марката. Настапот во Женева не беше особено убедлив, со изложениот олдтајмер Borgward Isabella Coupe и со новото лого на марката, кого публиката тогаш го оцени како премногу нападно димензионирано. Најважното, сепак, беше најавата дека во Франкфурт ќе биде прикажан првиот нов автомобил на Borgward по половина век откако фирмата згасна во контроверзна стечајна постапка.

Borgward BX7 TS 2

Седиштето на Borgward по ново е во Штутгарт, место во Бремен, а во Франкфурт сега за прв пат се прикажува спортскиот теренец од средната класа со моделско име BX7. Пристојно дизајнираното и масивно парче теренец е за околу 10 сантиметри подолго од Audi Q5, со премногу доминантни логоа на марката напред и назад. Предимензионираната маска ги потврдува плановите на новиот Borgward, моделот да се продава првенствено на пазарите во Азија, а особено во Кина, каде што купувачите ги обожуваат големите маски и ги препознаваат како статусен симбол.

Производство во Кина под надзор на германски експерти за квалитет

Производството на BX7 ќе се одвива исклучиво во Кина, под надзор на германски специјалисти за контрола на квалитетот на изработка. Иновациите и револуционерните идеи кои некогаш ја одликуваа марката Borgward, отсуствуваат во целост. Токму тоа може да биде најголемиот проблем за новата марка. На европскиот пазар, Borgward им е познат само на повозрасните генерации возачи и само уште на најзакоравените ентузијасти на марката. Тука никој не бараше кинески спортски теренец со избледено име на германска марка, без разлика што зад неа стои избран тим од инженери и дизајнери.

Засега постои голема неизвесност дека името Borgward ќе успее да фасцинира поширок круг купувачи и во Кина, наспроти оптимистичките најави на шефовите на фирмата. Од друга страна, планот на одлучувачкиот акционер Foton, како производител на товарни возила во рамките на концернот BAIC, не е ништо повеќе отколку продажба на BX7 само на кинескиот пазар.

Голема мистерија стои и зад изборот токму на марката Borgward. Постојат многу згаснати и евтини за купување автомобилски марки, кои на денешниот автомобилскиот свет му значат повеќе. Само иднината ќе покаже дали изборот бил добар. Засега, Borgward е само марка што никој не ја бараше да се врати.

Borgward BX7 TS 3

Претходна објаваФранкфурт 2015: Land Rover Defender со погон на педали за 10.000 фунти
Следна објаваФранкфурт 2015: Ова се најубавите автомобили на салонот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here