Фејслифт за Audi A3 и скусување за еден цилиндар

Нови мотори, предни и задни светла, системи за асистенција и виртуелен кокпит ќе го освежат компактот на Audi за следната рунда против Mercedes A-Class и компанија. Спортскиот S3 добива и екстра доза коњски сили.

Системи за асистенција какви што обично следуваат само во високата класа. Тоа се чини како најголемата гордост на Audi при претставувањето на освежената генерација на компактот A3. Единствен во сегментот е системот за асистенција при застој, кој соработува со радарскиот темомат со самостојно запирање и поаѓање во колона. Овој систем следува со доплата и покрај тоа што запира, забрзува и ја следи колоната пред возилото, може да го коригира и правецот при брзини до 65 километри на час – тоа е веќе следниот чекор напред кон автономното возење.

audi a3 facelift 18Очекувано освежување на работното место за возачот е виртуелниот кокпит од Audi TT, A4 и останатите нови генерации модели од Инголштат со дигитален дисплеј од 12,3 инчи и копче „View“ на воланот, за преоѓање од еден во друг приказ. Соодветно на воведувањето на опцијата за виртуелен кокпит е сменето и менито на системот за централна команда MMI, со кое што сега се ракува слично како со менијата на паметен телефон. Во највисокото ниво на MMI следува и поле за внесување податоци преку пишување со прст или гестикулација со прстите, на пример за зумирање на навигациската карта на дисплејот. Напредок има и во системот за говорна команда, кој сега „разбира“ и вообичаени реченици, место само зборови за команда.

Стандардно во Audi A3 отсега следува MMI Radio plus со монитор од седум инчи кој излегува автоматски. Пристапот на интернет исто така е достапен како доплата, со Google Earth и Google Street View, информации за паркиралишта, вести или временска прогноза. Преносот на податоци е преку супербрзиот LTE, што се овозможува со сим-картичката која е интегрален дел од Audi connect SIM inclusive.

Премиера за матрични диодни светла во компакт класата

Димензиите се непроменети, со поостри контури и дополнително раширена предна маска, но и со нови предни и задни светла, кои придонесуваат новиот A3 да добие поспортска и повпечатлива нота. Во понуда се дванаесет бои за каросеријата, со пет нови: Ара-сина, космос-сина, нано-сива, танго-црвена и вегас-жолта. Ексклузивно за S Line следува дајтона-сива боја со бисерен ефект. Купувачите добиваат повеќе можности за индивидуализација на изгледот на каросеријата, со две дополнителни линии „sport“ и „design“, како и спортски пакет S line и „design selection“.

audi a3 facelift 9Понудата од мотори ја сочинуваат по три бензинци и дизели, со моќност меѓу 110 и 190 КС. Првпат во понудата се појавува еднолитарскиот трицилиндарец со 115 КС и вртежен момент од 200 њутнметри. Специјалист за штедење е 1.4 TFSI COD ultra, со исклучување на цилиндрите при помало оптоварување на моторот и 150 КС. Врвот во бензинската понуда му припаѓа на новиот дволитарски TFSI од Audi A4, со 190 КС и 320 њутнметри. Дволитарскиот TDI доаѓа во верзија со 150 или со 184 КС, додека основен дизел е 1.6 TDI со 110 КС.

Кај 2.0 TFSI се користи нов седумстепен менувач со двојна спојка S tronic со мокра спојка, во замена за шестстепениот менувач со сува спојка. Погонот на сите тркала quattro е достапен единствено со овој мотор. Премиера во компакт сегментот доживуваат и матричните диодни светла, како опција за сериските ксенонски светла. Втора опција се обичните диодни светла.

310 КС за спортскиот пулен Audi S3

Спортскиот пулен S3 отсега вози со плус 10 КС и 20 њутнметри. Дополнително е оптимирана и работата на контролата на стабилноста и на ламелната спојка, со цел да се постигне уште поголема динамика во возењето, поголемо задоволство за возачот, но и безбедност. Дволитарскиот TFSI во S3 сега располага со 310 КС и 400 њутнметри. Освен како Sportback, S3 е достапен и како лимузина и кабриолет.

Нарачките стартуваат во мај, испораката следува в лето. Основната цена на Audi A3 1.0 TFSI на германскиот пазар изнесува 23.300 евра.

Претходна објаваПетмина механичари на Nissan што се попрецизни од секоја машина
Следна објаваДитер Цече: „Ние сме и остануваме пионери на мобилноста“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here