за

Уште еден кросовер од SsangYong: Студијата XLV-Air оди во серија

Новиот Tivoli уште не е пристигнат на нашиот пазар, а корејскиот SsangYong веќе го потврдува следниот нов модел. Врз основа на студијата XLV-Air од салонот во Франкфурт, наскоро стартува конкурентот на Kia Sportage и Hyundai Tucson.

Хит-моделот на корејскиот специјалист за теренци SsangYong се очекува во текот на есента да доживее премиера на македонскиот пазар, а веќе се најавува неговиот голем брат. Од следната пролет стартува студијата XLV-Air прикажана на салонот во Франкфурт, како продолжена верзија на кросоверот Tivoli.

Засега уште безимениот кросовер ќе ја пополни празнината меѓу Tivoli и Rexton, со соодветно поголема просторна понуда од Tivoli, чијашто каросерија мери 4,20 метри во должина. Новиот кросовер од средната класа ќе биде долг 4,47 метри, при непроменето меѓуоскино растојание. По пример на студијата XLV, може да се очекува дека дополнителниот простор во опашот ќе се искористи за вградување дополнителен ред седишта, со што „Tivoli Long“ ќе биде практично верзија на Tivoli со место за седум патници. Зафатнината на багажникот, при петмина патници во кабината, исто така ќе се зголеми од 423 на 720 литри.

Погонската техника целосно се презема од помалиот брат. Конкурентот на Kia Sportage и Hyundai Tucson ќе биде достапен со 1,6-литарски бензинец со 128 КС или со нов дизел, којшто исто така располага со 1,6 литар и постигнува 115 КС. Дизелот неодамна беше промовиран во Tivoli и ќе придонесе популарноста на моделот да продолжи да расте. Обата мотора ќе бидат достапни со автоматски менувач и со погон на сите тркала.

Точните податоци за перформансите и потрошувачката на гориво уште не се откриваат, а уште е рано да се зборува и за цените на моделот. Таа во секој случај ќе мора да биде пониска од онаа на Suzuki Vitara, што и не е толку едноставно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

За лесен старт зиме не заборавајте го моторното масло

Кинеската марка Qoros и натаму со проблеми во продажбата