Во средината на септември ќе доживее премиера новиот Kia Sportage, со изглед што го најавува новиот дизајнерски правец на марката. Исто како досега, за дизајнот е задолжен центарот во Франкфурт.
На големиот салон на автомобили во Франкфурт, кој започнува во средината на идниот месец (19-27 септември), Kia ќе одржи светска премиера на новата, четврта генерација на компактниот теренец Sportage. Марката денес ги објави и првите компјутерски рендери и скици од својот бестселер на европскиот пазар.
Впечатливиот и благо футуристички дизајн на каросеријата, според неговите творци, оддава моќ и динамика од кој агол и да се погледне возилото. Во внатрешноста исто така се најавува јасен и модерен стил, со избор на квалитетни материјали и промислена функционалност. Со четвртата генерација на Kia Sportage воедно се означува и стартот на новиот дизајнерски правец на корејската марка, којшто се раководи од европскиот дизајнерски центар на Kia во Франкфурт.

Порационална конструкција на кабината за повеќе простор за патници и багаж
Sportage и натаму ќе ја дели техниката со Hyundai Tucson, кој доживеа светска премиера пред неколку месеци. Оттаму, во моделот на Kia може да се очекува поголема просторност во кабината и во багажникот, во споредба со актуелниот модел, исто како и мотори и погонска спрега со оптимирана штедливост или нови системи за асистенција, вклучувајќи на пример, систем за следење лента кој по потреба интервенира и во управувањето.
Меѓуоскиното растојание ќе порасне за 3 сантиметри, на 2,67 метри, додека багажникот би требало да е за десетина проценти поголем од оној во актуелниот Sportage. Понудата од мотори ќе ја сочинуваат два бензински и два дизел мотора, при што поголемите верзии ќе се нудат во два степена на моќност. Основата е 1,6-литарски бензинец со директно впрскување и 132 КС, веќе вградуван во претходникот. Новитет е турбо верзијата на моторот, позната од i30 и од Veloster Turbo, со моќност од 177 КС и со 265 њутнметри. Дизел-понудата почнува со 1.7 CRDi со 116 КС и 280 њутнметри. Од претходникот е преземен и дволитарскиот дизел, повторно во две верзии на моќност, со 136 КС и 185 КС, при што посилната се испорачува само во комбинација со погон на сите тркала.
















