Suzuki има нов мотор. Не е случајност што тој се вградува прво во бестселерот Vitara. Со 140 КС, новиот 1,4-литарски BoosterJet му дава примерна динамика на спортскиот теренец, а има и неколку нови детали во дизајнот.
Suzuki е во моделска офанзива, со по еден или два нови модела секоја година, а за поддршка на офанзивата сега пристигаат и нови мотори и нова техника. Спортскиот теренец Vitara се покажа како вистински погодок, откако претходно „теренот“ за продажба го подготви кросоверот SX4 S-Cross, и не случајно, со неговото пристигање, марката забележа историски рекордна продажба (и) на нашиот пазар. Нормално е што Suzuki почнува да го вградува новиот 1,4-литарски бензинец токму во моделското име што се вбројува меѓу најстарите во сегментот на лесните теренци, Vitara.
Моторот од 1,4 литар е предводник на комплетно новата генерација, развиена според принципите на актуелниот „даунсајзинг“, со смалена работна зафатнина и турбонатполнење, како компензација за одземените сантиметри кубни. Дополнително, моторот 1.4 BoosterJet поседува и директно впрскување на горивото, што заедно со мерите за оптимирање на тежината и на отпорите на триење го вбројува меѓу најактуелните генерации мотори во сегментот. Помалата верзија на BoosterJet, со работна зафатнина од 1,0 литар и три цилиндри, доживува премиера во новиот Baleno, чија што продажба се очекува да стартува напролет.
1.4 BoosterJet: Максимумот од 220 њутнметри веќе при 1.500 вртежи
Присуството на турбонатполнењето се огледува многу повеќе во вртежниот момент во споредба со 1,6-литарскиот атмосферски бензинец во Vitara, отколку во моќноста. Новиот BoosterJet со 140 КС испорачува „само“ 20 КС повеќе во споредба со 1,6-литарецот, но затоа е супериорен во вредноста на вртежниот момент од 220 њутнметри при 1.500 вртежи, наспроти 156 њутнметри при 4.400 вртежи.
Ефектот се огледува и во потрошувачката, со тоа што 1.4 BoosterJet ја смалува веќе ниската вредност на 1.6 VVT со погон на сите тркала, од 5,6 литри, на 5,4 литри гориво на сто километри. Помошта за тоа доаѓа и од шестстепениот менувач, наспроти менувачот со пет степени кај Vitara 1.6. Спринтот до сто трае 10,2 секунди, крајната брзина изнесува точно 200 километри на час. Vitara S се нуди само во верзија со погон на сите тркала и чини 22.500 евра со специјалното ниво на опрема S-GLX, што е 1.520 евра повеќе во споредба со Vitara VVT GLX – не вклучувајќи го „плусот“ во опремата.
Опција за менувач со двојна спојка доживува премиера во Suzuki
Заедно со моторот, во Vitara S следува уште еден новитет: Менувач со двојна спојка со шест степени, за кого треба да се доплати 2.000 евра. Предностите на овој тип менувачи се веќе познати. Возачот го добива комфорот на возење како со автоматски менувач, но без недостатоците во зголемената потрошувачка поради загубите во претворачот на вртежниот момент и без губиток во динамиката во возење.
„S“ во Vitara, освен за моторот, значи дека моделот доаѓа дополнително опремен со диодни светла, алу-бандажи од 17 инчи и црвена маска околу предните светла. Погонот на сите тркала е стандард, со приспособлива распределба на вртежниот момент меѓу предната и задната оска, како и можност за „заклучување“ на распределбата во сооднос 50:50, за совладување потежок терен. Електронска блокада на диференцијал се грижи тркалата да не провртуваат на лизгава подлога. Последниве две ставки прават Suzuki Vitara да биде поспособна за пробивање по теренот наспроти повеќето конкуренти.
Радарски систем за самостојно запирање при опасност од судир е стандард во Vitara S, исто како и приспособлив темпомат. За комуникација со паметниот телефон се грижи стандардниот аудио-систем, со дисплеј на допир од 7 инчи и систем за навигација. Опремата ја комплетираат и паркинг сензори, камера за рикверц, греење во предните седишта и црвени рамки околу инструментите и отворите за воздух. Единствено што останува да се доплати е металик лак за 24.720 денари, двобојна каросерија за плус 18.540 денари или двоен сончев покрив за 92.082 денари.
Технички податоци · Suzuki Vitara 1.4 BoosterJet
Мотор 4 цилиндри, бензин, турбо, директно впрскување, 1.373 ccm, пречник и од 73,0 х 82,0 mm, компресија 9,9:1, 140 КС при 5.500/min, вртежен момент 220 Nm при 1.500-4.000/min Погон и пренос Варијабилен погон на сите тркала AllGrip, заклучување на распределба 50:50, електронска блокада на диференцијал, 6-степен мануелен менувач (опција 6-степен менувач со двојна спојка) Подвозје Напред независно водење со триаголни водилки, мекферсон, назад торзиска оска со спирални пружини, бандажи 6,5Ј х 17, гуми 215/55 R17 94V, напред вентилирани диск сопирачки, назад диск сопирачки, управување со запчеста летва, електрично серво Димензии и тежини Должина х ширина х висина 4.175 х 1.775 х 1.610 mm, меѓуоскино растојание 2.500 mm, ширина на трага напред/назад 1.535/1.505 mm, растојание од подлога 185 mm, круг на вртење 10,4 m, празно возило 1.285 kg, дозволена тежина 1.730 kg, тежина на приколка со сопирачки 1.200 kg Перформанси Крајна брзина 200 km/h, забрзување 0-100 km/h за 10,2 s Потрошувачка (град/пат/просек) 6,3/5,0/5,4, Емисија на СО2 127 g/km
















