Трицилиндарци во идната генерација на серијата 5 на BMW

Баварците се подготвуваат за новото одмерување на силите со класата Е на Mercedes. Изгледот ја следи вообичаената шема на BMW, револуцијата ќе биде во трицилиндарските мотори под хаубата.

Како што откриваат првите рендери, во идната генерација на серијата 5 не се очекуваат драстични промени во изгледот. Моделот од вишата средна класа ќе го задржи препознатливиот изглед на BMW, со промени само во одредени детали со кои што ќе се постигне помодерен и престижен лик и ќе се додаде поголема спортска нота во споредба со актуелниот модел. Купувачите во премиум сегментот обично не ги ценат радикалните промени во стилот.

Клучен момент во моделите од серијата 5 отсекогаш била врвната управливост и инженерите на BMW ќе се посветат во натамошно усовршување на новата лесна платформа, на која што ќе се базираат сите модели во дијапазонот од серијата 3 до серијата 7. Со пообемна примена на челик со висока цврстина, алуминиум и карбон се очекува идната лимузина да смали околу 100 килограми во тежината. Новите лесни материјали, освен за подобрување на возливоста ќе придонесат и за натамошно зголемување на цврстината на каросеријата.

BMW_5_2

Под хаубата ќе работат погонски единици од модуларната гама на BMW, со единствена големина на цилиндрите од 500 сантиметри кубни и постигнување на потребната зафатнина само преку бројот на цилиндрите. Понудата ќе почнува со трицилиндарските бензински и дизелски мотори со зафатнина од 1,5 литар и турбонатполнење, што веќе се вградуваат во новиот Mini – тоа може да биде тежок залак за традиционалистите на марката.

Најмалечките дизели ќе имаат емисија на СО2 под 100 g/km, а за прв пат во серијата 5 ќе се вградува и хибриден погон. Дел од погонската спрега во хибридната „петка“ ќе потекнуваат од спортскиот BMW i8, кој комбинира 1,5-литарски бензинец и електромотор. За врвната моделска изведба М5 ќе се користи оптимираниот V8 од 4,4 литри.

Големо внимание во развојот се посветува и во мобилното поврзување, како и во системите за полусамостојно управување. Новата серија 5 ќе биде стандардно опремена со пристап на интернет и СИМ-картичка за користење на мобилни апликации, како музички стриминг и пребарување на Гугл, како и за далечинско вклучување на климатизацијата во кабината преку мобилен телефон.

BMW_M6

Продажбата ќе стартува со лимузината, на лето во 2016. Потоа ќе следува серијата 6, вообичаено како купе верзија врз база на серијата 5, со 4,4-литарскиот V8 со двојно турбонатполнење од моделот М5.

BMW_5_Touring

Комбито од класата Е на Mercedes отсекогаш ја предводело трката во зафатнината на товарниот простор, па може да се очекува дека новиот Touring од серијата 5 ќе се обиде да го надомести овој заостаток. Со доплата ќе се нуди пневматска амортизација, заради поголем комфор при возење под полно оптоварување.

BMW_5_GT

Актуелната изведба Gran Turismo не го постигна очекуваниот успех, но флексибилноста на новата платформа ќе овозможи да се зголемат меѓуоскиното растојание и ширината на трагата, за создавање на полуксузна изведба во серијата 5.

Претходна објаваТеренецот на Seat ќе се произведува во Чешка
Следна објаваPeugeot се враќа на релито Дакар по 25 години