Триумф на Renault Captur во изборот на СУВ за 2014 година

Renault Captur е СУВ на годината во Македонија

Кросоверот на основа на Clio победи во изборот на СУВ на годината во Македонија. Стручното жири од автомобилски новинари едногласно го избра Captur за најдобар автомобил во популарниот сегмент.

Во минатата година повеќе модели на кросовери и спортски теренци пристигнаа на македонскиот пазар. Големиот наплив од модели е резултат од конкурентската битка на производителите да освојат колку е можно поголем дел од популарниот сегмент што е во постојан раст во последните десетина години. Како марка што не се колеба во својата креативност и има направено повеќе револуции во одделните класи и сегменти на возила, од минатата година Renault го воведе компактниот кросовер Captur во својата понуда.

Зголемено растојание од подлогата за излети надвор од асфалтот

Со должина од 4,12 метри Captur го пополнува просторот меѓу Clio и Clio Grandtour. Со 17 сантиметри растојание од подлогата, францускиот кросовер е подготвен за излети надвор од асфалтот и за мали тури по земјени патишта. Оваа зголемена функционалност оди во спој со свеж и немирен дизајн. Купувачот може да избере неколку комбинации на бои за покривот, ретровизорите, рамката околу магленките и украсните лајсни на каросеријата, како и повеќе бои и дезени во ентериерот.

Сите мотори со турбонатполнење и оптимирана штедливост

Понудата од погонски единици за Captur се состои од два бензински и еден дизелски мотор, кои покриваат дијапазон меѓу 90 и 120 КС. Сите мотори поседуваат турбонатполнење и се оптимирани за штедливост, следејќи ги начелата на даунсајзингот. Моторот од 0,9 литар ослободува 90 КС и постигнува 171 km/h, а просечната потрошувачка изнесува 4,9 литри бензин на сто километри. Со истата моќност располага и дизелскиот 1.5 dCi, со потрошувачка од 3,7 литри дизел, додека посилниот бензинец со 120 КС, вози до 192 km/h и просечно троши по 5,4 литри на секои сто километри. Системот старт стоп е во серија во сите мотори и сите нивоа на опрема.

Пристап на интернет за 600 евра

Кабината се одликува со исклучителна флексибилност, меѓу другото со задна клупа што лизга надолжно 16 сантиметри, приспособлив под на багажникот и касета пред совозачот што се отвора како фиока.
Веќе основното ниво Authentique нуди пристојна опременост: Контрола на стабилност, четири воздушни перници, пристап преку картичка, темпомат, дневни светла со светлечки диоди, електрика на сите прозорци и на ретровизори. Моделот Captur 0.9 TCe со ова ниво чини 13.950 евра. Во повисокото ниво Expression следуваат клима уред, радио, магленки, алу-бандажи и неколку дополнителни стилски и функционални ставки. Во овој случај Captur стартува од 14.950 евра, односно 1.000 евра повеќе од основното. Топ ниво е Dynamique, со автоматика за климата, за бришачите и светлата, кожа на воланот и навигација, за 16.600 евра. Интересна можност е пристапот на интернет преку системот R Link, за кој е потребно да се доплати 600 евра.

Претходна објаваCitroen Cactus ќе боде погледи по улиците
Следна објаваToyota, Ford и GM си заминуваат од Австралија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here