за ,

Тест на 35 модели на летни гуми од клубот АДАК (Трет дел: Димензија 205/55R16)

Оваа димензија на гуми се вбројува меѓу најпродаваните за автомобили од компакт класата. АДАК тестираше 19 летни гуми во димензијата 205/55R16, вклучувајќи т.н. економични гуми, заради споредба со „комфорните“ верзии на истите гуми. Шест кандидати добија оцена „многу добро“, дванаесет се „добри“, една гума не помина на тестот.

Првиот дел од тестот, за димензија на гуми 185/60 R14 е достапен тука.

Димензијата 205/55 R 16 V е една од најпродаваните димензии на летни гуми воопшто. Поради тоа, на тестот на АДАК се најдоа дури 19 модели на гуми со оваа димензија. Најдобрите шест модели доаѓаат од премиум производителите и се оценети со „мноду добро“. Посебноста на овој тест на летни гуми на АДАК е во тоа што директно беа споредувани два различни модела на гуми од иста марка. На тестот се „соочуваа“ таканаречените еко-модели и комфорните модели на гумите од истиот производител.

За првпат директна споредба на стандардните и еко-гумите

Верзиите со еко-предзнак покажаа значителни слабости на влажна подлога во споредба со стандардните гуми. Наспроти тоа, еколошките и економичните предности на еко-моделите се незначителни. Bridgestone Ecopia EP001S и Hankook Kinergy Eco имаат најниска потрошувачка на гориво од сите гуми на тестот, но заштедата во гориво изнесува само 0,3 литри на сто километри во споредба со стандардните гуми. Conti Eco Contact 5 покажува позначителна предност во споредба со Conti Premium Contact 5, а притоа постигнува и релативно мал степен на трошење. Обата производа на Michelin, пак, практично не се разликуваат во потрошувачката на гориво и во трошењето.

Напорна работа: Дури 1.102 гуми беа монтирани и демонтирани во двете димензии во рамките на големото тестирање на летни гуми на АДАК
Напорна работа: Дури 1.102 гуми беа монтирани и демонтирани во двете димензии во рамките на големото тестирање на летни гуми на АДАК

Заклучокот е дека разликите меѓу најдобрите и најлошите гуми при практичното мерење на потрошувачката на гориво се релативно мали и изнесуваат околу 5%, но затоа разликите во поглед на трошењето можат да достигнат и до 100 %.

Michelin со помала длабочина на профил, но со иста трајност

При мерењето на длабочината на профилот на нови гуми се покажа дека Michelin Energy Saver+ во димензијата 205/55 R16, со длабочина од 6,5 mm е за околу еден милиметар „поплитка“ во споредба со просекот на останатите гуми на тестот. Но, и покрај тоа, Energy Saver+ не заостанува во поглед на трајноста во споредба со Michelin Primacy 3, чија што просечна длабочина на профил на нова гума изнесува 7,4 милиметри. Обата модела минуваат иста километража. Разликата е немерлива и во поглед на потрошувачката на гориво. Заостатокот на Energy Saver+ во поглед на аквапланингот во споредба со Primacy 3 исто така е незначителен. Поради подобриот контакт на влажна подлога, Primacy 3 сепак е подобар избор.

Bridgestone Ecopia EP001S во димензијата 205/55 R16 V е единствениот модел со етикета од класата А на ЕУ во критериумите за отпор при тркалање и контакт на влажно. Оваа гума исто така има потпросечна длабочина на нов профил, којашто е за дури 0,2 милиметри пониска во споредба со Michelin Energy Saver+. Моделот EP001S и покрај тоа не покажува помала трајност во споредба со Bridgestone Turanza T001, но во споредба со километражата што ја постигнуваат останатите гуми во тестот добива само оцена „доволно“. Во поглед на својствата на аквапланинг, Ecopia се вбројува меѓу најслабите, заедно со Nankang и обата модела на Michelin, додека Turanza T001 сепак се пласира меѓу најдобрите. Според тоа, Turanza како комфорна варијанта е избор што се препорачува повеќе, поради значително подобрите својства на влажна подлога.

Генерално, сите гуми на тестот покажуваат солидни својства. Оцената „многу добро“ ја освоија шест модели на гуми, додека дванаесет гуми се оценети со „добро“. Единствено Nankang не мина на тестот и заврши со оцена „недоволно“ поради слабите својства на влажна подлога.

tabela gumi 2051

Првиот дел од тестот, за димензија на гуми 185/60 R14 е достапен тука.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Веќе здодеаја, но … полицијата на Дубаи има BMW i8

Opel му ги препушта вановите на Peugeot