Lamborghini најави специјална серија од Aventador во чест на долгогодишната соработка со производителот на гуми Pirelli. Колекционерите веќе нарачуваат.
Марката со збеснатиот бик денес го најави почетокот на производството на ексклузивната серија Aventador LP 700-4 Pirelli Edition, со којашто се одбележува долгодишната соработка со престижниот италијански производител на гуми Pirelli. Партнерството меѓу двете фирми почна во 1963 година, во истата година кога е основана и марката Lamborghini. Оттогаш, сите модели од Сант Агата се испорачуваат со гуми од Pirelli.
Pirelli Edition ќе биде достапен во обете каросериски изведби, купе и родстер, и ќе се произведува во ограничена серија, за којашто дилерите веќе примаат нарачки. Испораката ќе почне во јуни следната година. Во техниката на суперспортистот ништо не се менува, што значи останува карбонски монокок, мотор V12 и постојан погон на сите тркала. Разликата во специјаланта серија е во ексклузивната опрема што е дизајнирана во Lamborghini Centro Stile.
Каросеријата е во две бои, со две можности за избор. Првата е мат црна боја за покривот, столбовите, ретровизорите, хаубата, отворите на аеродинамичните канали во каросеријата, додека остатокот е во една од шесте бои (Giallo Spica, Rosso Mars, Bianco Isis, Nero Aldebaran, Grigio Liqueo и Grigio Ater). Втората опција е сјајна црна боја за горните делови од каросеријата и за отворите за воздух, во контраст со четирите бои што стојат на располагање за остатокот од каросеријата (Bianco Canopus, Nero Nemesis, Grigio Adamas, and Grigio Titans).
Цената на специјалниот модел не се наведува, но вообичаено е таа да изнесува десетина илјади евра над стандардниот модел.