за

Со RS 245 пристига најсилната Škoda Octavia во историјата

Škoda уште еднаш се надминува себеси и го заокружува фејслифтот на Octavia со втора верзија RS. Најмоќната Octavia во историјата има 15 КС повеќе од „стандардниот“ RS и дополнително привлекува со побогатата опременост. Светот ќе ја види новата Octavia RS 245 за првпат на салонот во Женева.

Двестотини и триесетте коњски сили им беа недоволни на Чесите да ја заокружат освежената моделска генерација на својот бестселер Octavia. Сега пристига уште посилна верзија RS 245, чијашто ознака недвосмислено укажува на тоа дека располага со 245 КС и со тоа е за 15 КС посилна отколку „обичниот“ RS. Новиот топ-модел во гамата на Octavia ќе има светска премиера во следниот месец, на салонот во Женева.

Најсилната Octavia во историјата е достапна како лимузина и како комби, во обата случаи со дволитарец со турбонатполнење и директно впрскување. Максималниот вртежен момент од 370 њутнметри се пренесува до предната оска преку шестстепен мануелен менувач или седумстепен менувач со двојна спојка – за првпат во Octavia.

Skoda Octavia RS 245 1

За максимална тракција и спортски возни својства се грижи електронска симулација на блокада на диференцијал. Спринтот до сто трае 6,6 секунди, на комбито му е потребна една десетинка подолго, додека крајната брзина е ограничена електронски на 250 километри на час. Уште поимпресивни се бројките за меѓузабрзувањето: Од 60 до 100 km/h во петтиот степен се потребни 6,4 секунди, од 80 до 120 km/h за 6,6 секунди.

Првата Octavia RS имаше 180 коњски сили, последнава има 180 киловати

Посилната верзија на Octavia RS однадвор се распознава по маската лакирана во црна сјајна боја, по задниот спојлер, по трапезовидните издувни цевки, и секако, по црните бандажи од 19 инчи. RS 245 стандардно поседува диодни предни светла, спортски седишта обложени со алкантара и алуминиумски педали. Чесите уште не откриваат колку ќе изнесува доплатата, но може да се смета на десетина проценти над „обичниот“ RS, чијашто цена на македонскиот пазар изнесува 25.370 евра во верзија со мануелен менувач, односно 27.490 евра со менувач со двојна спојка.

Skoda Octavia RS tabela

Спортската верзија на Octavia постојано ја зголемува моќноста откако актуелната генерација стартуваше во средината на 2013 година. Моќноста прво изнесуваше 220 КС, за две години подоцна да следи RS 230. Сега оваа вредност ја постигнува стандардниот RS, така што соодветно мораше да „зајакне“ и посилната верзија, на 245 КС.

В година пристига Kodiaq RS со дволитарски битурбо дизел со 240 КС

Škoda за првпат ја користеше кратенката RS во мотоспортот во 1974 година. Во 2000-та, синонимот за спортско возење почна да се применува во моделската гама на Škoda. Досега се продадени 200.000 примероци со ветувачките две букви во ознаката, од кои што половината се само од третата генерација, којашто почна да се произведува во 2013 година. Најсилната Skoda моментно е Superb 2.0 TSI со 280 КС. Веќе в година пристига уште еден спортски модел во понудата, Kodiaq RS со дволитарски битурбо дизел со најмалку 240 КС.

[FAG id=27189]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bugatti Chiron со нов дом во елитниот Гштад

Уште два модела во „Платинестата серија“ на Porsche Cayenne