за ,

Сопствениците на електричниот Leaf возат повеќе од „обичните“

1. NISSAN LEAF, продадени примероци 8,672 (+22.1%)

Според студијата што денес ја објави Nissan, сопствениците на електричниот Leaf годишно минуваат за 40% повеќе километри отколку возачите на обичните автомобили.

Производителот на електричниот автомобил Nissan Leaf денес ги објави податоците од студијата којашто открива дека автомобилите со погон на струја драстично ги менуваат возачките навики на сопствениците. Според студијата, возачите на Leaf во Европа годишно минуваат во просек 16.588 километри, наспроти возачите на автомобили со бензински или дизел мотор, чијашто годишна километража во просек изнесува 11.539 километри. Тоа е впечатлива разлика од околу 40 проценти.

Во студијата се наведуваат и повеќе заклучоци, како и изјави на сопственици, коишто сведочат дека електричниот автомобил ги менува животните навики во семејствата што го поседуваат. Шанаја Шај од англискиот Хертфордшир опишува: „Првично го купивме Nissan Leaf како втор автомобил, но поради ниските оперативни трошоци и големата автономија, Leaf навистина се докажа и стана главен автомобил во семејството.“

Семејствата во просек минуваат заедно по 75 километри неделно

Просечно европско семејство годишно заеднички минува 230 часови во својот автомобил во текот на една година, што одговара на 13.800 минути или 9,5 денови. Повеќето од ова време отпаѓа на куси возења, односно семејствата во просек се возат заедно во возилото по 75 километри неделно, што дава годишна километража од само 3.870 километри. Токму овие чести куси возења се причината зошто семејствата се решаваат за електричен автомобил, чиишто батерии без проблеми ја совладуваат релацијата.

Антрополошкиот дел од студијата беше спроведен со семејства во Велика Британија и Норвешка, како земји во коишто лани е постигната половина од вкупната продажба на Leaf, со цел да се утврди колку електричните возила се во состојба да ги задоволат барањата и динамиката на просечно европско домаќинство. Норвежанецот Даг Елиасон наведува дека неговото семејство со две деца годишно минува по 30.000 километри со електричниот Nissan Leaf, додека со вториот автомобил, со бензински мотор, минува само 5.000 километри во една година.

85 проценти повторно би купиле електричен автомобил

Жан-Пјер Диерна, шеф за електричните возила на Nissan во Европа, коментира: „Овие сознанија го побиваат митот дека Nissan Leaf може да се користи само како втор автомобил во повеќето семејства. Студијата го докажува нашето убедување дека поседувањето електричен автомобил е мудар избор на семејствата што бараат ниски оперативни трошоци и практичност.“ Околу 85% од сопствениците на Leaf повторно би купиле електричен автомобил, а дури 97% би го препорачале Leaf на своите пријатели и на роднините.

Nissan Leaf е најпродавано електрично возило во светот, со 165.000 продадени примероци од лансирањето во 2010 година и учество од 25 проценти на пазарот за електромобили во Европа. Сопствениците на Leaf досега имаат поминато преку една милијарда километри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

815 милиони евра дивиденда за најголемите акционери во BMW

Најславните цитати на Џереми Кларксон: „Само Хитлер изгледал добро во кабриолет“