Хибридниот теренец со плагин-техника е најголемата гордост на Mitsubishi по Evo и Pajero. Јапонците ги надитрија конкурентите, за Outlander PHEV буквално се чекаат редици. Во меѓувреме се работи на наследникот.
За три години, Mitsubishi продаде над 100.000 примероци од Mitsubishi Outlander PHEV. Јапонската марка прва го понуди хибридниот погон во комбинација со можност за надворешно полнење на батериите и не погреши. На купувачите им се допадна и досегот на батерии од преку 50 километри, а очигледно не пречеше и малку повисоката цена на плагин-техниката наспроти обичниот хибриден погон. Европа е најголем пазар за Outlander PHEV, со 66.000 продадени примероци, што значи дека два од секои три примероци од моделот завршуваат кај европските купувачи.
Секако дека Outlander PHEV залужи наследник и Mitsubishi веќе работи под полна пареа на него. Комплетно нова генерација следи во 2019 година. Тоа што е познато досега: Идниот Outlander PHEV ќе има двојно поголем досег, односно ќе минува над 100 километри со едно полнење на батериите. Mitsubishi излегува во пресрет на барањата на купувачите и во поглед на влечниот товар. Актуелниот модел може да влече приколка тешка до 1,5 тон, идниот PHEV веројатно ќе додаде уште половина тон.

Пристигањето на теренскиот плагин-хибрид ќе биде придружено од кросовер со погон само на струја и со досег меѓу 400 и петстотини километри. Во изгледот и конструкцијата, кросоверот веројатно ќе го следи примерот од концептот eX, прикажан лани на салонот во Токио.
По неодамнешното освежување на Outlander, во наредниот период ќе следува уште еден „апдејт“, во буквална смисла на зборот, со воведување на поддршка за Apple Carplay и Android Auto.
















