Ford уште од старт ја понуди новата Fiesta во кросовер-изведбата со додавка Active. Наскоро и останатите модели на Ford ќе добијат своја верзија Active, со зголемено растојание од подлогата, носачи за багаж на покривот и заштитни панели за каросеријата. Конкуренцијата го практикува тоа веќе подолго време.
Новата Fiesta Active е зачеток на бранот којшто ќе следи во речиси целата моделска понуда на Ford. Марката со синиот овал ќе понуди стилски кросовер-изведби под дополнителната ознака Active за купувачите на коишто им значат зголеменото растојание од подлогата, робусниот стил на каросеријата и практичниот носач за багаж на покрив. По Fiesta, во следните години и останатите модели на Ford ќе добијат своја „активна“ варијанта.
Во пазарните истражувања на Ford се покажа дека на купувачите им се допаѓа идејата за верзија на Fiesta во теренски стил и со претставувањето на Fiesta Active, марката логично излегува во пресрет на барањата на купувачите. Први модели што ќе го следат примерот на Fiesta ќе бидат C-Max и Mondeo Turnier во верзиите Active.
Кросовер-стилот се практикува уште од 1970-те години, од Matra Rancho
Конкурентот Volkswagen го практикува овој кросовер-стил во моделските изведби Passat Alltrack и Golf Alltrack, по инспирација од Audi Allroad и Volvo XC, а примерот го следат и верзиите Scout од повеќе модели на Skoda. Идејата е многу постара и потекнува од легендарниот Matra Rancho од крајот на 1970-те години, како еден од зачетниците на бранот спортски теренци и кросовери.
Ford во претходната генерација на Fiesta ја изведе верзијата Fusion, којашто се извезуваше на повеќе од 50 пазари низ целиот свет, но денес е веќе прескапо да се произведува посебна каросериска верзија во „меѓукласа“, особено во услови кога мини-теренец ќе постигне многу поголем успех.
















