Во Скопје синоќа се одржа свечено прогласување на автомобилот на 2014 година. Не на автомобил на 1985 или 1999 година, туку на оваа. Тоа се автомобилите што заслужуваат да ги прославуваме. За еколошката катастрофа ќе обвинуваме некои други.
Во последниве години некако заборавивме дека не мора секогаш автомобилите да ги гледаме како виновници за тоа што ни се случува со катастрофалното загадување на воздухот во секој поголем и помал град во оваа наша некогаш благословена Македонија. Многумина што не се извежбани да дишат преку бојадисани хартиени ливчиња веќе одамна почнаа да негуваат одбивност кон автомобилите, кои во некое бледо сеќавање ги нарекувавме наши миленичиња на четири тркала.
Отрезнувачка слика во центарот на Скопје, во средата во 20.00 часот, на улицата Железничка. Пред објектот паркирани неколку автомобили со л’снати каросерии, црвен тепих меѓу нив и рефлектори што фрлаат сноп високо угоре, за на секој намерник и ненамерник во овој град да му се разбистри дека тука нешто важно се случува во моментот. Очигледно е дека се работи за прославување што е поврзано со овие паркирани автомобили. Но, кој тоа ги прославува автомобилите во овие „во 10 ПМ времиња“ и каква ли причина нашол за воопшто да прославува нешто со автомобилите?
Системскиот дух успеа за зачудувачки кус период нé убеди дека овие наши ламаринени кутии на тркала не смееме повеќе да ги гледаме светнати и исправени, туку само наредени во полуобраснато поле, потклекнати и скротени под тежината на годините. Во таков амбиент тешко дека ќе се најде простор за прославување. А, овие овде сепак прославуваат. Што тоа?
Се прославува напредокот, стремежот за постојано усовршување, се прославува човечката способност од парче метал и невидливи честички да се направи автомобил што нема секаде околу себе да остава облаци од чад и „во 10 ПМ честички“, и што не претставува подвижна бомба од која гинат виновни и невиновни. Само такви автомобили може да заслужат почит и да поттикнат култ на обожување.
Жирито на изборот на автомобил на годината во Македонија ја изгласа Skoda Octavia за 2014 година. Нека им е честито на тие што титулата ќе ја искористат како продажен аргумент, нека им е честито на тие што можат да си ја дозволат. Благодарност за тие што изгласаа Octavia од 2014 година да биде автомобил на 2014 година, укажувајќи ни дека екологијата и безбедноста се важни – покрај другите критериуми, кои во моментов не се толку пресудни за нашиот опстанок.
Да не ни останат обвинети кутрите користени автомобили – од увоз. Сите ние ги возиме користени. Уште откако ќе го премине прагот на продажниот салон, новиот автомобил веднаш се претвора во користен автомобил. На секого што ќе му се посреќи да купи нов автомобил во овие времиња му се јавува потреба од пазар на користени возила, да го продаде старото возило. Пазарот на користени возила е неопходност, тој се подразбира. Но, кога овие возила се искористуваат за собирање народни поени и притоа лаички се заборава на еколошкиот фактор, на рапидното зголемување на возниот парк во земјата и исто толкаво зголемување на загаденоста на воздухот, тогаш мора нешто да е утнато.
Треба да сме среќни што стандардот ни дозволува да купуваме само евтини користени автомобили од увоз? Или можеби треба да нé усреќи тоа што нееколошките возила кај нас не се оптоваруваат со високи давачки при увозот, како во земјите од кои што потекнуваат истите? Единственото што би можело да нé усреќи ќе биде воведувањето на еколошкиот фактор при увозот и регистрирањето, не заради одредени интересни заедници, туку првенствено заради заштита на нас самите. Помали и понови користени автомобили со пониска емисија на штетни материи, место поголеми и постари, од времињата кога ниту понапредната Европа не се беше свестила за влијанието врз животната средина. Тогаш ќе го прославуваме и освестувањето. / automedia.mk