Доколку фабриките за автомобили низ светот продолжат со досегашното темпо, во оваа година за првпат ќе се произведат над 90 милиони автомобили. Еден од четири произведени автомобили излегува од погоните во Кина.
Светската продукција на автомобили се зголеми во првите шест месеци од годинава. Според официјалните статистики, во светот се произведени 46,2 милиони автомобили, што е за 3,1 проценти повеќе отколку во првото полугодие лани. Најголема земја производител на автомобили и натаму е Кина, со 12,87 милиони возила и раст од 6,4 проценти. Тоа значи дека 27 проценти од сите новопроизведени автомобили низ светов потекнуваат од кинеските фабрики.
Во првото полугодие, во ЕУ се произведоа 9,99 милиони автомобили, што претставува зголемување од 7,7 проценти. Уделот на ЕУ во светската продукција на автомобили изнесува 21 проценти. Со голем заостаток, на третото место се САД со 6,54 милиони автомобили и раст од 6,7 проценти. Соединетите Држави учествуваат со само 14 проценти во глобалната продукција на автомобили.
Најголем раст забележа Индија, чијшто фабрики произведоа за 12,2 проценти повеќе возила отколку во првото полугодие лани. Најголем процентуален пад во производството има Бразил, со 21,5 проценти во минус.
















