За вистинските велосипедисти не постои зимска пауза. И покрај тоа, повеќето велосипеди ги минуваат студените месеци во подрум или во гаража. Во обата случаи е неопходно да се провери во каква состојба е велосипедот, пред сезоната да почне. Следниве неколку совети ќе бидат од голема помош при одржувањето или поправките. Покрај тоа што поголемиот дел од работите може да се извршат самостојно, големо задоволство е да се работи на сопствениот велосипед.
Во идеален случај, пролетната проверка не би требало да трае подолго од половина час. Не е на одмет да се испланира и малку повеќе време, доколку има потреба да се направат неколку поправки. Имајте предвид во времето кога ја планирате проверката да бидат отворени продавниците, во случај да е потребна набавка на резервни делови. Секако дека не е добра идеја, првото возење во новата сезона да го направите во недела попладне, кога дуќаните обично се затворени.
Чистење на велосипедот
Без разлика дали сте возеле во текот на зимата или не, на чист велосипед најлесно се воочуваат дефектите и недостатоците. Грубата нечистотија се отстранува на суво, со метличка или четка, додека на потешко достапните места помага искористена четка за заби или чепкалка. Секако дека нечистотијата треба темелно да се отстрани, а не само да се втисне подлабоко во деловите од велосипедот и во потешко достапните места.

Чистењето продолжува со млака вода и сунѓер, или уште подобро, со дебела крпа што издржува триење. Заборавете на компресорите со вода под висок притисок во автопералните, затоа што тие само ја втиснуваат нечистотијата и влагата подлабоко во лежиштата и се предизвикува нивно оштетување. Запечените нечистотии е подобро да се отстранат со специјални средства за чистење велосипеди, како Pedro Green Fizz (околу 10 евра за пакување од половина литар), којшто е биоразградлив и наменет е и за карбон. На крај, велосипедот треба да се исуши со мека и впивачка крпа. Со нанесувањето заштитна политура се негува бојата и се штитат површините на велосипедот, а се постигнува и долготраен сјај. Таквите средства исто така чинат околу десетина евра.
Подмачкување на синџирот и подвижните делови
Сите подвижни делови, како на пример менувачите, повремено бараат по малку подмачкување со масло, класично во течна форма, или како масло во спреј. Доколку сте возеле преку зимото, задолжително е темелно чистење на синџирот. За таа цел, опфатете со синџирот со сува крпа или стара кујнска крпа и вртете ги педалите наназад. Уште подобро и поедноставно е чистење со специјална четка за синџир, како Finish Line Grunge Brush (цена околу 15 евра). Со исклучок на специјалните средства за чистење синџири, како Muc-Off Chain Cleaner (10 евра, 400 милилитри), агресивните растворувачи на маст треба да се избегнуваат, затоа што го уништуваат фабрички нанесеното подмачкување.

По чистењето треба повторно да се подмачка синџирот. Оставете го средството да дејствува кусо време и потоа исчистете со крпа, затоа што вишокот средство за подмачкување секогаш привлекува повеќе нечистотија. Восокот за синџир, како White Lightning Epic Ride (10 евра, 120 милилитри) ја одбива нечистотијата, за разлика од средствата за подмачкување на минерална база. Обврската со чистењето на синџирот секако дека отпаѓа кај велосипедите со погон со ремен.
На исчистено, сите степени треба да се менуваат лесно и прецизно. Доколку тоа не е случај, дотерајте ги менувачите само ако навистина се разбирате во тоа.
Проверете ги навојните споеви
Следен чекор е проверка на затегнатоста на навојната врска на сите носечки делови, како на главата на воланот, на воланот, педалите и запчениците. Со мало подигнување и пуштање на тркалата лесно се „наслушнуваат“ лабавите споеви на велосипедот. За затегнување може да се користи квалитетен мултинаменски алат, без потреба да се располага со цела кутија со алат. Сепак внимавајте кај чувствителните делови, особено оние што се од карбон. При затегнувањето задолжително мора да се внимава на наведениот момент на затегнување. Таков скап алат (BBB TorqueSet BTL-73, околу 80 евра) обично поседуваат само сервисите.
Напумпајте ги гумите
Гумите сигурно го имаат испуштено целиот воздух додека велосипедот мирувал преку зима. Тоа е најмал проблем. На страниците на гумата се наведени минималниот и максималниот притисок на воздух. Кај полесните велосипеди, за покомфорно возење и поголема тракција може да се избере и понизок притисок. За пумпање се препорачува робусна стоечка пумпа со манометар, којашто е наменета и за повисоки притисоци. Пумпите се релативно евтини и квалитетните чинат околу дваесет евра (AirEco BFP-11). Доколку гумите стари, пумпањето не помага. Истрошените или порозните и напукнати гуми се сериозна опасност при возењето!
Проверете ги сопирачките и бандажите
Пред првото возење треба да се проверат и сопирачките. Дали ракувањето е лесно и сопирачките зафаќаат брзо и силно? Дали сајлите се расцветани и тешко се движат во кошулката? Ако не помогне капка масло, заменете ги сајлите. Хидрауличните сопирачки што треба да се повлечат до крај, мора да се ослободат од воздухот.

Секако дека истрошените сопирачки облоги треба итно да се заменат. Кај диск-сопирачките не се двоумете и побарајте проверка од стручно лице, додека кај обичните сопирачки и лаик може сам да препознае дали се истрошени облогите. Притоа се препорачува проверка и на самите бандажи. Истрошеноста кај повеќето бандажи се препознава по браздите на страниците на бандажот. Проверете и дали жиците на бандажите се затегнати. Ако бандажот прави „осумки“ при вртењето, тоа е знак дека итно треба да се посети велосипедскиот сервис.
При проверката на сопирачките лесно се препознава и дали се истрошени лежиштата на воланот. За таа цел, повлечете ја предната сопирачка и при завртен волан движете го велосипедот напред-назад. Притоа не треба да се почувствува клатење во воланот. Замената на лежиштата на воланот е работа за сервис.
Вградување нови светла и проверка на безбедноста
Доколку треба да се поправа старото светло со странично динамо, подобро е да размислите за замена со современ систем со силни светлечки диоди и со динамо во оска. Околу безбедноста, проверете ја и состојбата на шлемот. Материјалот старее со времето и се препорачува шлемот да се заменува на секои пет години. Производителите постојано ги подобруваат шлемовите, така што со замената не само што се враќа безбедноста, туку обично се добива и поголем комфор. Секако дека шлемот мора да се замени со нов, по пад во којшто тој веќе ја извршил својата заштитна функција.

Набавката на додатоци може да даде поголем поттик за велосипедот да се користи уште почесто во новата сезона, како на пример нов багажник, од типот на Shine Evo Tour (околу 90 евра), со вградено задно светло. Не треба да се заборави и на облеката, особено во овој период додека температурите уште варираат. На тестирањата на познатите магазини одлично минаа јакните Men’s Posta и Women’s Resca од производителот Vaude, но затоа и нивните цени се соодветно солени (околу 140, односно 100 евра).
Вратете се и Вие во форма
На крај треба и самите да се доведете во форма, пред почетокот на сезоната. Долго пешачење или пливање во базен ги зајакнува мускулите и ја подобрува циркулацијата. На тој начин ќе ги избегнете симптомите на воспаление на мускулите, и кога сезоната конечно ќе започне, Вие самите ќе бидете подготвени за неа, исто како и Вашиот велосипед.
















