Хибридниот погон не ги заобиколува ниту камионите. Марката Fuso, којашто припаѓа на концернот Daimler, го нуди 7,5 тонскиот Canter 7C15 Eco Hybrid на европскиот пазар, кој благодарение на комбинацијата од дизел мотор и електромотор постигнува потрошувачка од 11,8 литри дизел на сто километри во автоматски режим, односно 15,7 литри дизел во мануелен режим.
Според јапонскиот производител, потрошувачката на хибридниот Canter е пониска за 50 проценти во споредба со камионите со обичен погон во категоријата до 7,5 тони. Покрај тоа, корисната носивост изнесува 3,3 тони, што е 800 килограми повеќе отколку повеќето камиони во категоријата.
Погонската спрега ја сочинуваат трилитарски дизел мотор со моќност од 150 КС и електромотор со 54 КС, вклучувајќи и систем за повраток на енергијата при сопирање. Батеријата користи литиум-јонска технологија и производителот за неа гарантира десет години без ограничување во километри.
Хибридниот Canter забрзува до 10 km/h само со погон од електромоторот
Камионот забрзува до 10 km/h само со погон од електромоторот, за тоа време дизелот работи во празен òд и му се приклучува на електроморот над 10 km/h. Во зависност од потребната моќност, електромоторот испорачува моќност и при повисоки вртежи на дизелот. Системот старт-стоп се вградува сериски, а за намалување на потрошувачката и емисијата на СО2 дополнително придонесува и менувачот со двојна спојка Duonic.
На салонот за камиони во Хановер есенва, Fuso ја претстави и верзијата на Canter со погон на струја, којашто ќе се произведува во мала серија. Со батерии со капацитет од 70 киловатчасови, првиот камион во светот со електричен погон во категоријата до 7,5 тони може да измине над 100 километри со едно полнење.
Mitsubishi Fuso е дел од групацијата марки за товарни возила во рамките на концернот Daimler.
На фотографијата: Модели на Daimler со електричен погон: smart fortwo electric drive, smart BRABUS electric drive, B 200 e, SLS AMG Coupé Electric Drive, B-Class F-CELL, Vito E-CELL, Fuso Canter E-CELL и прототипите GLC F-CELL и smart fortwo electric drive / Плагин-хибриден погон: S 500 e, C 350e лимузина и комби, E 350 e, GLC 350 e, GLC 350 e Coupé 4MATIC, GLE 500 e 4MATIC, Fuso Canter Eco Hybrid / Дизел со напредна технологија: E 200 d, Actros

















