за

Најеколошките автомобили според АДАК: Првото место за BMW i3

Клубот АДАК ја тестираше емисијата на штетни материи кај 45 модели во изминативе три месеци. Притоа важеа многу построги правила отколку досега. Во новиот EcoTest на клубот, емисијата се мери и во вистински сообраќај. Само два дизела се најдоа во Топ 10, најчистиот бензинец го има Mitsubishi Space Star. Тестот откри и многу бензинци со лоша емисија.

Клубот АДАК воведе нови правила за одредување на потрошувачката и емисијата на штетни материи при тестирањето на еколошката погодност на автомобилите во својот EcoTest. Сега се постигнуваат многу пореални вредности, отколку со нормите што ги користат производителите на автомобили и различни институции. Возачите на тој начин добиваат појасна слика при изборот на штедлив автомобил со колку е можно пониска емисија на штетни материи. Најважниот новитет е во тоа што автомобилите кои ќе го поминат првото тестирање на пробни валци, продолжуваат да се тестираат во поглед на издувните гасови во реален сообраќај.

Погонот на метан може да им конкурира на хибридниот и електричниот погон

Почнувајќи од септември годинава, клубот изврши мерења на потрошувачката и емисијата кај 45 модели според новите правила. Петте најдобро рангирани возила имаат електричен и хибриден погон, вклучувајќи и еден модел со погон на метан. Електричниот BMW i3 е на првото место со максимални 100 бодови, постигнати со 50 бодови за потрошувачката и 50 бодови за емисијата. Второто место припаѓа на хибридната Toyota Prius 1.8 Hybrid Executive, трет е електричниот Nissan Leaf Acenta, обата со по 94 бодови.

Хибридниот погон не му гарантира висок пласман на Hyundai Ioniq, само 13-то место

Hyundai Ioniq

Користењето метан како погонско гориво е сосема доволно за Skoda Octavia Kombi 1.4 TSI G-Tec Style да се најде на четвртото место. Најдобар бензинец е Mitsubishi Space Star 1.2 Clear Tec Top, на осмото место. Од вкупно 26 тестирани модели со дизел мотор, само два модела успеаја да се пласираат во водечката десетка: Mercedes E220 d 9G-Tronic (на 7-мо место) и BMW 118d Urban Line Steptronic (на 9-то место).

Дизелите во реалноста имаат многу полоша емисија отколку во лабараторија

Мерењата потврдија дека повеќето возила со дизел мотор во реални услови на возење имаат превисока емисија на штетни материи, без оглед на користената техника за пречистување на издувните гасови. Со овие резултати, АДАК испраќа апел до производителите „да користат техника за пречистување на издувните гасови којашто ефикасно ја намалува емисијата во сите работни режими“. Двата модела што се најдоа во Топ 10 докажуваат дека тоа е изводливо.

Volvo S90 EcoTest

Додека најголемиот дел од дизелите мораат да се соочуваат со висока емисија на азотни оксиди (NOx), повеќето современи бензинци со директно впрскување имаат висока емисија на честички (PM). Дека тоа не се однесува само на моделите со силни мотори, како Ford Focus RS, покажува примерот со Volkswagen Tiguan 1.4 TSI или Opel Corsa 1.0 Turbo ecoFlex Edition, коишто не освоија ниту еден бод во поглед на емисијата на штетни материи. Покрај тоа, кај Opel за првпат е измерена и зголемена емисија на NOx, што досега не беше случај кај бензинците.

Градското мини smart fortwo се покажа како голем загадувач на воздухот

Најлоша емисија во поглед на емисијата на неразградливи честички има smart fortwo. Бензинецот во градскиот автомобил има високи вредности на PM, иако не станува збор за мотор со директно впрскување. Проблемот е во тоа што моторот е вграден назад, кадешто не добива доволно ладење и мора да се справува со големо термичко оптоварување, при што прекумерно се зголемува емисијата на честички. Во моментов не постои законска норма за бензинците со директно впрскување. Со тоа практично се игнорира енормната емисија на неразградливи честички кај smart.

https://automedia.mk/objavi/26551

Сите модели коишто при строгата процедура на еко-тестот ќе бидат оценети со четири или пет ѕвезди, мораат да совладаат уште една пречка. Овие возила понатаму се тестираат во реални услови на возење. Поради тоа, еко-препораката на АДАК можат да ја добијат само моделите коишто ќе покажат примерни вредности на емисијата при тестирање во вистински сообраќај. Клубот на овој начин може да ги идентификува моделите коишто се оптимирани да покажат ниска емисија на штетни материи при тестирање на пробни валци. Според досегашните резултати, сите модели со четири или пет ѕвезди на EcoTest се покажаа „чисти“ и при тестирањето во реален сообраќај.

Првите резултати според новиот ADAC EcoTest

Модели со најдобра и најлоша емисија на штетни материи

Досега се тестирани 45 автомобили според строгите правила на EcoTest на клубот. Оценети со пет ѕвезди, листата ја предводат модели со електричен и хибриден погон, како и погон на метан. Поради вредностите на потрошувачката на гориво и емисијата на штетни материи, само неколку модели со мотор со внатрешно согорување успеаја да освојат четири ѕвезди на тестот.

Место Марка Модел Погон Штетни материи Бодови за СО2 Вкупно на EcoTest Еко-ѕвезди
1 BMW i3 (94Ah) електро 50 50 100 *****
2 Toyota Prius 1.8 Hybrid Executive хибрид 48 46 94 *****
3 Nissan Leaf Acenta (30 kWh) електро 50 44 94 *****
4 Skoda Octavia Combi 1.4 TSI G-Tec Style метан 50 43 93 *****
5 Toyota Yaris Hybrid Style хибрид 49 39 88 ****
6 Tesla Model S P 90D електро 50 37 87 ****
7 Mercedes E 220 d 9G-Tronic дизел 50 30 80 ****
8 Mitsubishi Space Star 1.2 ClearTec Top бензин 40 36 76 ****
9 BMW 118d Urban Line Steptronic дизел 41 34 75 ****
10 Volkswagen up! 1.0 TSI BMT beats бензин 37 34 71 ****
11 Mercedes C 200 Cabrio бензин 47 23 70 ****
38 Volkswagen Golf Sportvan 1.6 TDI BMT Comfortline дизел 0 29 29 *
39 Renault Talisman Grandtour Energy dCi 130 Life дизел 0 26 26 *
40 Kia Optima Sportswagon 1.7 CRDi GT Line DCT дизел 0 25 25 *
41 Volkswagen Tiguan 1.4 TSI ACT BMT Comfortline DSG бензин 14 10 24 *
42 Hyundai i40 Comgi 1.7 CRDi blue Premium DCT дизел 0 20 20 *
43 Ford Galaxy 2.0 TDCi S/S Titanium дизел 0 14 14 *
44 Ford Focus RS бензин 0 6 6 *
45 SsangYong Korando 2.2 e-XDi 220 Sapphire 4WD Auto дизел 0 1 1 *

Како основа за новиот ADAC EcoTest се користи идниот циклус WLTP, но се вози со пореална натовареност на возилото од 200 kg и со менување на степените што повеќе одговара на практиката. Мерната процедура ја заокружува дополнителен циклус со возење со повисоки брзини на автопат. Воедно се воведени и построги правила за оценување на вредностите на емисијата на штетни материи и на СО2. Уште еден новитет е тоа што возилата не се поделени по класи, туку се оценуваат според исти мерила. Новиот EcoTest опфаќа и мерење во услови на реален сообраќај (RDE). Сите модели што ќе добијат пет или четири ѕвезди на пробни валци, потоа се проверуваат во вистински сообраќај, заради утврдување дали возилото е оптимирано да покажува примерни вредности само при лабораториските мерења.

Комплетниот список на модели според рангирањето на еко-тестот на АДАК

Ранг листа на еко-тестот на АДАК

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Седумтонски камион со хибриден погон троши 11,8 литри

Новиот Seat Leon Cupra не носи ништо ново, а има сé