Салон Париз 2016: Надоаѓа следниот електричен бран

електрични автомобили smart forfour ed

Нов залет на електромобилноста и продолжувањето на трендот на спортски теренци се двете главни теми на претстојниот авто-салон во Париз. Но, во градот на љубовта се мислело и на срцето на спортските возачи.

На Париз му одговара улогата на метропола на електромобилноста. Воопшто не е за чудење тоа што неколку интересни електрични автомобили и студии со погон на струја, во почетокот на следниот месец ќе доживеат премиера токму во француската престолнина, со нејзиниот постојан сообраќен метеж и со претстојната забрана за возила со дизел мотор. Повеќето новитети сепак продолжуваат да возат со конвенционален погон, вклучувајќи ги тука особено спортските теренци коишто од еколошки аспект сигурно не се најсоодветните возила за животната средина и за градските булевари.

Opel Ampera-e совршено ги соединува двата главни тренда на салонот во Париз. Под каросеријата на кросоверот со умерена теренска нота се крие еден од најголемите батериски пакети што во моментов се вградуваат во сериското производство – настрана од моделите на Tesla. Компактниот автомобил со висока каросерија ќе вози над 400 километри со едно полнење на батериите, што е рекорд во класата на големосериските автомобили со цена блиска до поширок круг купувачи. Колку точно изнесува цената ќе се знае дури од следната година, кога електромобилот од Риселсхајм ќе стартува со продажба на европскиот пазар.

Opel Ampera-e

Уште еден важен новитет од електричната сфера пристига на салонот во Париз. Освен во микро-двоседот Fortwo, марката Smart во иднина ќе го нуди електричниот погон и во Forfour, близнакот на Renault Twingo, кој со простор за четири патници и попрактична каросерија ќе ја удвои продажбата на електричните модели на мини-марката на Daimler.

Volkswagen најавува електричен модел што ќе биде значаен колку „бубата“

Конкуренцијата на пазарот на електрични автомобили во иднина ќе расте сé повеќе. Откако се најде како жртва на политиката против дизел моторите, Volkswagen инвестира масовно во погонска техника со нулта емисија на штетни материи. Во Париз под знакот на марката од Волфсбург ќе се појави студија на компактен автомобил со досег до 600 километри. Според шефовите на Volkswagen, серискиот модел што ќе произлезе од оваа студија ќе биде подеднакво важен за автомобилската индустрија како легендарната „буба“ и самиот Golf. Планот е сериското производство на новата генерација елеткрични автомобили да стартува за две до три години, заедно со моделите од останатите производители.

Audi Q5

Како и досега, повеќето новитети на салонот покрај Сена поседуваат конвенционален погон. Бројот на спортски теренци и кросовери меѓу нивитетите и натаму е сé поголем. Една од најважните премиери во овој сегмент е теренецот од средната класа Audi Q5, којшто пристига со подинамична и поостра линија во споредба со претходникот. Конструиран врз новата платформа на концернот, новиот Q5 ќе има значително намалена тежина и порационална искористеност на просторот во каросеријата.

Peugeot ги преориентираше вановите 3008 и 5008 во спортски теренци

Важни домашни премиери на салонот во Париз ќе има новата двојка спортски теренци на Peugeot, базирани врз платформата на моделот 308. Место ванови како досега, новиот Peugeot 3008 и поголемиот Peugeot 5008 прераснуваат во спортски теренци, со неколку иновативни детали што се очекуваат од француската марка, како i-Cockpit или електричен скутер во багажникот.

Peugeot 3008

Специјалистот за теренци Land Rover, на салонот ќе ја прикаже премиерно новата генерација на Discovery, како „подостапна“ алтернатива на благородниот Range Rover Sport, подеднакво способна за пробивање по теренот и за парадирање по градските булевари. Toyota и Lexus исто така напаѓаат во сегментот на спортските теренци, првата со серискиот модел C-HR, втората со студија UX којашто како основа ја користи истата техника, но наменета е за купувачи во престижниот сегмент.

Mercedes уште ја нема завршено теренската офанзива: E-Class All Terrain

Теренската офанзива на Mercedes се чинеше завршена, но очигледно дека од Штутгарт имаат намера да ја пополнат секоја празнина во овој сегмент. Под знакот на марката со сребрената ѕвезда пристига изведбата All-Terrain на комбито од E-Class, со зголемено растојание од подлогата, погон 4Matic и каросериски додатоци за заштита при теренските излети – по малку и за изглед, секако. За да не ја пропушти еуфоријата, Opel исто така претставува верзија од малечкиот Karl во стил на теренец.

Mercedes E-Class All Terrain

Неколку генерациски замени претстојат во Париз. Honda ќе ја прикаже десеттата генерација на бестселерот Civic, од Citroen пристига новиот C3, додека Hyundai стартува со следната генерација на компактот i30. Меѓу најголемите автомобилски ѕвезди на салонот ќе се најде и отворената верзија на Mercedes-AMG GT, којашто по тој повод добива уште неколку коњски сили под хаубата, конкретно 557 КС. Дека и од тоа може уште повеќе докажува Ferrari со LaFerrari Spider и со неговите 800 КС. Како и вообичаено, целата серија од ексклузивниот модел на Ferrari е веќе распродадена.

[FAG id=25538]

Претходна објаваВо Лондон отворен најголемиот дилерски центар на Kia во Европа
Следна објаваMercedes E-Class за сите терени

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here