Автомобилската бранша негуваше големи надежи за рускиот пазар. Но, уште пред да избувне украинската криза можеше да се претпостави. Авто гигантите очекуваа премногу.
Шефовите на големите автомобилски концерни имаа огромни фантазии за рускиот пазар на автомобили. Очекувана продажба на четири милиони автомобили годишно, најголем пазар во Европа, бизнис во процвет. Но, пропадна сонот дека најголемата држава на светот, според површината, со население од преку 140 милиони, преку ноќ ќе се претвори во нов мотор на автомобилската бранша. Се покажа реалноста: Од надежно дете, Русија стана проблематично дете.
Продажбата во јули и август се намали за една четвртина, а Volkswagen и Opel ги притиснаа сопирачките и го смалија производството во Русија. Ударот од рускиот пазар го погоди и Ford, којшто веројатно нема да го поврати европскиот бизнис во позитива. Предвидувањата за следната година се уште полоши. Во најлошиот случај, продажбата во 2020 година би го достигнала нивото од 2013 година, со само 2,8 милиони автомобили. Производителите се надеваа, но и веруваа дека пазарот ќе „проголта“ 4 милиони автомобили.
Авто индустријата ја прецени руската економија. Поради зависноста од производството на нафта и гас, руската економија е чувствителна на промени во цените на суровините и на енергијата. Недостига силна индустрија со големо надградување на вредноста, каква што би можела да биде автомобилската индустрија во земјата. Рубљата девалвираше, цените на увозните автомобили пораснаа. Згора на сé, се случи и кризата во Украина. Ефектите што сега се чувствуваат се последици од конфликтот. Експертите оценуваат дека продажбата ќе се намали за уште 20 проценти до крајот на годинава. Со 2,4 милиони возила, рускиот пазар ќе има волумен ист како британскиот, додека Германија останува константно на три милиони нови регистрирани автомобили годишно.
Шефот на Volkswagen, Мартин Виктеркорн, во минатиот ноември предвидуваше, „до крајот на деценијава, рускиот пазар на автомобили ќе биде најголем во Европа. Затоа инвестираме 1,8 милијарда евра во фабриката на Volkswagen во руската Калуга.“ Renault има уште поголеми планови за Русија. Французите моментно се најголем странски производител на автомобили во земјата и заедно со јапонскиот партнер Nissan го контролираат пазарниот лидер Avtovaz. Овој потфат ги чинеше партнерите 570 милиони евра на крајот на 2012 година. Покрај тоа, во фабриката на Lada во Тољати, ќе се инвестираат 400 милиони евра, за производство на автомобили од трите марки.
Овие масивни инвестиции во иднината може да станат „проблем за иднината“. Повеќе производители планираа зголемување на капацитетите. Но, Русија повеќе не е евтина земја за производство, како и за евентуален извоз на автомобилите произведени во руските фабрики.
















