Ferrari 275 GTB Berlinetta од 1965 година за многумина е најубавиот сериски автомобил со знакот на марката од Маранело. Редок примерок оди на наддавање на крајот на ноември.
На 30-ти ноември во познатата аукционерска куќа Bohnams во Лондон ќе се наддава редок примерок на Ferrari. Се очекува дека олдтајмерот на наддавањето ќе достигне цена меѓу 1,9 и 2,5 милиони евра. Директорот Џејмс Најт, одговорен за автомобилите во аукционерската куќа, објаснува: „Овој примерок се наоѓа во совршена оригинална состојба и потекнува од колекцијата Violatti Maranello Rosso. Тој е еден од најубавите автомобили од овој вид за когошто во Bohnams сме имале привилегија да го понудиме на наддавање.“
Во периодот од 1964 до 1968 година се произведоа околу 800 примероци од Berlinetta, но мал е бројот на примероци што се произведоа со оваа мошне барана каросерија на Pininfarina, со продолжен преден дел од 1965-та моделска година. Оттаму потекнува и прекарот „долгоносиот“. Примерокот што ќе се понуди на наддавање има број на шасија 08035, лакиран е во темнозелена боја и од првата регистрација на 18-ти ноември 1965 година има поминато само 61.212 километри од двајцата сопственици.
















