за

Проектилот на Посејдон: Овој Mercedes-AMG A45 јури со 310 km/h

Тјунерската работилница Posaidon подготви специјална изведба на најсилниот компакт. Нивниот Mercedes-AMG A45 располага со 485 КС и јури неверојатно брзо. За дозволата да не одлета, навигацијата навреме ги јавува радарите.

Германскиот тјунер Posaidon редовно изненадува со моќноста што успева да ја извлече во неговите преработки на стандардните модели на Mercedes. Иако, A45 4Matic тешко дека може да се води како стандарден автомобил. По третманот во оваа тјунерска работилница, веќе пресилната врвна верзија на класата А излегува со 485 КС, извлечени со вградување на специјален турбокомпресор, вчитување комплетно нов софтвер за моторот и издув од благороден челик со тркачки катализатор. На тоа се надоврзуваат и поголем интеркулер, како и преработка на вшмукувачката гранка. На крајот, секој тјуниран примерок на најмалиот Mercedes-AMG оди на пробна рампа, жаргонски „бенч“, каде што софтверот се дотерува посебно за возилото.

Менувачот исто така претрпува модификации, за да го издржи енормниот вртежен момент од 555 њутнметри – ограничен електронски на таа вредност. Оваа мала, но способна тркачка ракета, потоа може да постигнува крајна брзина од 310 километри на час. Posaidon нуди како опција и специјални тркачки сопирачки, кои покрај врвните перформанси подобро да не отсуствуваат од тјунингот. Истото е препорачливо и за системот за навигација, чиишто функции тјунерот ги дополнува со детекција на радари.

Цената? Само отстранувањето на брзинскиот лимит во Posaidon чини 1.500 евра.

posaidon mercedes-amg a45

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рим воведува режим на возење пар-непар поради загаденоста на воздухот

Toyota повторно го победи Volkswagen во битката за светски Бр. 1