По петте ексклузивни серии од Veyron следува последната „легенда“ во чест на основачот на Bugatti. Примерок од Veyron Ettore Bugatti чини 2,8 милиони евра, ќе се изработат само три.
Bugatti ја претстави последната од шестте легенди, којашто го носи името на основачот на фирмата Еторе Бугати и ја заокружува ексклузивната серија „Легендите на Bugatti“ што стартуваше пред една година. Последниот модел исто како и петте претходни се базира на Bugatti Veyron 16.4 Grand Sport Vitesse, поседува осумлитарски мотор со 16 цилиндри во W и моќност од 1200 КС, и забрзува до сто за 2,6 секунди. Крајната брзина изнесува 408 km/h.
Дизајнот на Veyron Ettore Bugatti се ориентира на Bugatti Typ 41 Royale од 1932 година. Предниот дел од возилото се состои од рачно полиран алуминиум, додека задниот дел е изведен во темносин карбон со видлива структура. Во внатрешноста доминира комбинација од телешка и „кордован“ кожа, којашто обично се користи за изработка на скапи обувки. Цената на модел од серијата Veyron Ettore Bugati,што ќе се изработи во само три примероци, изнесува 2,8 милиони евра.
















