„Плејстејшн“ во живо: Nissan GT-R Nismo

Роденденските податоци се најубави кога ќе ги направиш сам. За 30-от роденден на специјалистот за тјунирање, Nissan го подразлути уште малку суперспортскиот GT-R.

За правец долг 20,83 километри да се извози за околу седум минути потребно е да се вози со просечна брзина од 180 km/h. Најголемиот дел од автомобилите и повеќето возачи умеат да го постигнат тоа без проблеми. Но, кога на истото растојание треба да се совладаат и 73 свијоци, остануваат само малку автомобили и уште помалку возачи што го умеат тоа. Nissan GT-R Nismo е еден од тие раритети на тркала. Дополнително подразлутената верзија на овој Nissan неодамна го извозе Нирбургринг за 7:08.679 минути!

Дека верзијата Nismo на GT-R е брза, неверојатно брза, сосема е јасно. И тоа, не само на правец, туку првенствено во свијоците. Дел од оваа способност доаѓа и од моторот V6 од 3,8 литри, којшто наспроти стандардниот Nismo GT-R располага со 50 КС повеќе, односно со 600 КС. Инженерите вградија два големи турбокомпресора од тркачката верија GT3, со коишто расте и вртежниот момент од 632 на 652 Nm. Пеформансите останаа непроменети, а тоа значи дека спринтот до сто трае 2,7 секунди, а крајната брзина е 315 km/h. Менувачот е шестстепен, со двојна спојка.

Многу поважни за тркачката патека се модификациите во подвозјето. За екстремните брзини во свијоци се грижат стегнатото подвозје, новите амортизери, променетото водење на предните тркала, но и новите гуми од Dunlop изработени специјално за оваа пригода. Пакетот за уништување на секундите и десетинките се комплетира со дополнителни завари на каросеријата, заради поголема крутост. Кога на тоа ќе се додадат погонот на сите тркала и екстрадимензионираниот спојлер на опашот, речиси не постои сила што може да го исфрли GT-R Nismo од свијок.

Nissan GT-R Nismo без проблеми ги остава зад себе Porsche GT3 или Ferrari 458 Speciale, но не му е проблем да го направи истото и со 911 Turbo. Најголемото достигнување е цената. На европскиот пазар, моделот се нуди по цена од 150.000 евра, што е речиси дисконтна понуда во споредба со конкуренцијата.

Претходна објаваKTM Freeride E: Првиот електричен мотоцикл на култната марка
Следна објаваАко не може цел автомобил, тогаш барем парфемот: Bentley Blue Crystal

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here