Реплика од новиот теренец на Seat изработена од песок ги поздравува патниците на аеродромот Ел Прат во Барселона. Песочната Ateca ќе биде изложена до крајот на октомври.
Познатиот специјалист за песочни скулптури Серги Рамирез изработи песочна верзија на Seat Ateca користејќи 26 тони песок. Првиот спортски теренец на шпанската марка наиде на одлична прифатеност меѓу купувачите и до крајот на октоври ќе биде изложен во форма на песочна скулптура на првиот терминал на аеродромот Ел Прат во Барселона, кадешто дневно минуваат околу 100.000 патници. На штандот обележан како „Создадено во Барселона“ се наоѓа и вистинска Ateca, придружена од видеоснимка за создавањето на скулптурата и аудиовизуелна презентација на моделот.
Според првата дама на маркетингот на Seat, Сузане Франц, „целта на инсталацијата е да се прикажат уметноста и дизајнот што потекнуваат од Барселона преку ефемерна скултура“. Таа додава и дека аеродромот во Барселона е меѓу десетте најпрометни во Европа и совршена локација за прикажување на Seat Ateca, нагласувајќи ја врската меѓу марката и градот Барселона.
Серги Рамирез создава песочни скултури веќе три децении. Неговите уметнички креации беа првонаградени на две изданија на „Сертамен“ на Гран Канарија, второ место на меѓународниот фестивал на песочна скулптура Жушан во Кина и трето место на фестивалот Транум Странд во Данска.
















