за

„Брексит“ донесе зголемување на цените на Peugeot и Citroen

Возилата на групацијата PSA поскапеа на британскиот пазар по гласањето за напуштање на ЕУ и последувателната девалвација на домашната валута. Останатите производители исто така најавуваат поскапување на нивните автомобили.

Автомобилите на Peugeot, Citroen и DS добија повисоки цени на британскиот пазар, откако фунтата девалвираше по гласањето на Британците за напуштање на Унијата. Францускиот концерн прв ги зголемува цените на своите возила во Британија, но наскоро и останатите производители ќе го следат овој чекор. Fiat и Nissan веќе најавија поскапување на нивните модели.

Вредноста на британската фунта се намали за десетина проценти во однос на еврото по гласањето за Брексит кон крајот на јуни. Новата цена на компактот Peugeot 308 изнесува 15.930 фунти, што е 435 евра, односно 2,8 проценти повеќе во споредба со претходната цена. Поскапувањето кај марките Citroen и DS во просек изнесува два проценти, но како што наведуваат менаџерите, ова зголемување на цените било планирано уште пред девалвацијата на фунтата.

Продажбата на возила стагнира, купувачите чувствуваат несигурност

Трите марки на групацијата PSA учествуваат со над 7 проценти на британскиот пазар на автомобили во првите седум месеци од годинава. Французите немаат сопствени производствени капацитети во Британија со што би се надоместиле актуелните промени на вредноста на валутата. Според британската асоцијација на производители на автомобили, продажбата на автомобили во приватниот сектор се намалила за околу шест проценти во јули, како последица на несигурноста на купувачите во инвестирање во нов автомобил. Наспроти тоа, продажбата на службени возила забележала пораст.

Британија е втор најголем пазар за автомобили во Европа, по германскиот пазар. Производителите уште одамна предупредија дека Брексит ќе предизвика негативни влијанија врз нивната профитабилност на европскиот пазар. Ford, како водечки автомобилски производител на британскиот пазар, наведе дека излегувањето на Британија од ЕУ веќе ја чини компанијата над 50 милиони фунти, односно до крајот на годинава ќе го скуси профитот за близу 200 милиони фунти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинескиот пазар на автомобили продолжува да расте

Песочна Seat Ateca ги пречекува патниците на аеродромот во Барселона