Овие часовници изгледаат исто како брзиномерот во вашиот олдтајмер

Наближува времето кога треба да се размислува за убави подароци. Bavarian Chrono изработува часовници со скала што изгледа верно на брзиномерот во омилениот автомобил. Па, ако никој не се сети да го купи за подарок…

Часовници со лого на автомобилска марка ќе најдете во секој орман со прибор кај дилерите, со цена што е неколкукратно над вистинската вредност. Една германска фирма дојде до идеја како да ги направи „автомобилските“ часовници уште пооригинални. Бројчаникот е заменет со скала на брзиномер, изработена до детал верно на оригиналните брзиномери во култни историски модели. Прегледноста можеби и не им е најсилна страна, но и без тоа овие часовници не се носат или користат да се дознае времето.

Одушевува верноста со којашто се пренесени оригиналите детали - круната на Edition 230 изгледа исто како чепот на резервоарот на Mercedes 230-280 SL
Одушевува верноста со којашто се пренесени оригиналите детали – круната на Edition 230 изгледа исто како чепот на резервоарот на Mercedes 230-280 SL

Bavarian Chrono е мала фирма во баварскиот Хиршвалд, создадена од луѓе со бензин во крвта и ентузијазам за стари автомобили. Фирмата прво се посвети во дизајнирањето на куќиште што ќе го оддава духот на времето, за потоа со типична германска прецизност да го интегрира изгледот на класичните брзиномери во дизајнот на часовникот. Во зависност од историскиот модел на кого што му се посветени одделните примероци од серијата, големата стрелка го има комплетниот оригинален дизајн од брзиномерот, додека малата стрелка е финиширана во мат црна боја, со децентно бело поле на врвот што ги покажува часовите.

Баварците ги имаат во понуда тахо-часовниците во стил на првата и втората генерација од VW Golf и „буба“, како и повеќе модели на Mercedes, Jaguar, BMW или Bugatti. Нашиот избор падна на часовникот во стил на Mercedes 230 SL – 280 SL од 1963 година. Покрај впечатливиот дизајн на „километражата“, детал што особено се издвојува е круната со изглед на оригиналниот чеп на резервоарот на SL. Механизмот во сите часовници го испорачува швајцарската Ronda, со пет кварцни камења, со калибар 11 ½ и екстремно долго времетраење на батеријата до 60 месеци.

Куќиштето на „Edition 230“ има пречник од 39,5 милиметри и висина од 10 милиметри, изработено е од благороден челик, со минерално стакло што е отпорно на гребење и издржливост на притисок до 3 атмосфери. Сиот овој часовничарски „луксуз“ се добива по релативно достапна цена од 179 евра.

Претходна објаваСледната генерација на Civic со два нови турбо-бензинци
Следна објаваШефот на Daimler им чита автомобилски приказни на децата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here