Од 2015 година се планира возилата да комуницираат меѓусебно во мрежа, со цел да се подобри безбедноста во возење. Фирмите NXP и Cohda веќе го направија првиот функционален прототип на уредот за мрежно поврзување.
Производителот на чипови NXP и специјалистот за мрежни системи Cohda го развија првиот уред што е наменет за планираното поврзување на возилата во мрежа. Техниката ќе се користи за комуникација на возило со возило (V2V), но и меѓу возилото и патната инфраструктура (V2I), во систем со заедничка ознака V2X. Новата генерација на уредот кој што веќе е подготвен за сериско производство е за половина помал од претходникот и на производителите на техника за прво вградување во возилата им овозможува голема флексибилност и ниска цена за вградување.
Возилата ќе пренесуваат во мрежата информации за нивната локација, за моментната брзина и за насоката на возење, така што возачите што се во близина во круг од 360 степени ќе добиваат информации за сите можни опасности. На тој начин ќе се намалат судирите, ќе се укажува на пречки на патот и ќе се спречуваат поголеми застои во сообраќајот. Доколку мрежата регистрира нагло запирање кај некое возило, тоа ќе биде знак за опасност на патот и преку мрежата соодветно ќе се информираат другите возила во близина. Нешто слично, иако многу попримитивно, возачите практикуваат отсекогаш, со блиндирање со светлата.
Во моментов техниката се тестира во околу 2.800 возила во најголемиот проект V2X на глобално ниво во Ен Арбор, во Мичиген. Водечките производители на возила од САД, Европа, Јапонија и Кина веќе ги откупија лиценците за мрежниот уред за возила.