за

Обид за нов рекорд: 10.000 милји од Лондон до Кејптаун за 10 денови

Тим од Британија ќе се обиде да извози 10.000 милји од Лондон до Кејптаун за помалку од десет денови и со тоа да го собори рекордот што беше поставен во февруари годинава.

Искусните рели возачи Роберт Белчер и Стивен Купер утринава во 4 часот по британско време појдоа од Пал Мал во Лондон на патување што ќе ги води низ 13 држави – Англија, Франција, Италија, Тунис, Либија, Египет, Судан, Етиопија, Кенија, Танзанија, Замбија, Зимбабве и Јужна Африка. Целта е тие да пристигнат во Кејптаун со нивниот осум години стар Land Rover Discovery III на 14-ти октомври во 16 часот по локално време. Напредувањето на тимот може да се следи на интернет страницата www.londoncapetownrecord.co.uk.

rekord 1

За да успеат во подвигот, Британците ќе мора да одржуваат просечна брзина од 42 милји на час, односно 67,6 километри на час – 24 часови на ден и со почитување на брзинските ограничувања. Исходот меѓу другото ќе зависи и од тоа дали границите ќе може да се поминат за покусо од планираниот еден час и колку бандите во Либија и северна Кенија ќе ги поштедат Британците на патот до Кејптаун.

Промените на возилото опфаќаат заштита за картерот и подвозјето, подебели гуми и четири рефлектори на покривот. Додадени се и неколку резервоари за гориво, со кои автономијата на 2,7-литарскиот турбодизел се зголемува на околу 1.930 километри.

Совладувањето на рутата од Лондон до Кејптаун со автомобил е вечен предизвик за авантуристите. Првпат рутата ја извозеа извесни Камерон Гилг и Волер Кеј во 1933 година со Morris Eight. На двајцата Британци им беа потребни 158 денови да пристигнат до целта, вклучувајќи рискантно минување низ пустината Сахара. Актуелниот рекорд го држат Филип Јанг и Пол Брејс, со Fiat Panda задвижувана од 0,9-литарски Multiair. Тие ја минаа рутата во февруари годинава за 10 денови, 13 часови и 28 минути.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најсмешните сервисни повици во историјата

Германија развива бензин од слама за едно евро од литар