Новиот шведски теренец ќе има премиера за две недели во Стокхолм и ќе биде прв модел на Volvo што ќе ја користи новата модуларна платформа. За прв пат се објавуваат и детали од изгледот.
Цели четири години траеше развојот на новата модуларна платформа што во иднина ќе ја користат заеднички повеќето моделски серии на Volvo. Таа е дел од 11-те милијарди долари што Швеѓаните ќе ги потрошат за трансформацијата на марката и за враќање во премиум лигата покрај Audi, Mercedes и BMW. Претстојниот теренец XC90 прв ќе ја користи новата платформа SPA (Scalable Product Architecture), со којашто се овозможува и драстично зголемување на моделската понуда на Volvo во иднина.
Целта на Volvo е со втората генерација на XC90 да предизвика исто толкаво одушевување на пазарот како што беше случај со првиот модел во 2002 година. Првиот човек за развој во Volvo, Петер Мертенс: SPA ни дава свеж технолошки старт. Околу 90 проценти од компонентите на новиот XC90 и на идните модели се нови и уникатни. Го подигнуваме прагот на самиот врв на премиум лигата, кога станува збор за квалитет и технлогија во секое витално подрачје.“
Претходно користената платформа ги ограничуваше инженерите во меѓуоскиното растојание, во каросерските превиси, во висината на каросеријата и во висината на носот. Со платформата SPA се отстрануваат овие ограничувања и моделите на Volvo ќе можат меѓусебно повеќе да се разликуваат во формата. Тоа се докажа и со трите последни концептни автомобили. Главниот дизајнер Томас Ингенлат најавува: „Веднаш ќе ја препознаете поврзаноста кога XC90 ќе биде претставен за две недели.“
Новата основа ја намалува тежината на возилото и ја подобрува распределбата на тежината, во исто време подобрувајќи ги возните својства без жртвување на комфорот. Не постои подрачје што не е драстично подобрено во споредба со претходникот. Со новите седишта со потенки потпирачи за грб се отвори дополнителен простор во кабината, за средниот ред седишта да може да лизга нанапред и да го ослободи пристапот до последниот ред седишта. Трите седишта во вториот ред посебно лизгаат надолжно, за повеќе простор за нозе или за повеќе простор во багажникот. Volvo особено ја нагласува просторноста во последниот ред седишта, каде што би требало комотно да седат патници високи до 1,7 метар.
[quote_box_center]„Со помош на SPA го создадовме првиот бескомпромисен СУВ во светот. Се добива агилност на многу помал и понизок автомобил, огромна просторна понуда, плус адреналински наплив од моторите што нудат досега невиден спој на моќ и ниска емисија на штетни гасови. Секако, го носи амблемот на Volvo, што значи дека врвната безбедност е стандард.“
Др. Петер Мертенс, шеф на развој во Volvo[/quote_box_center]
Моторите во XC90 исто така користат модуларен принцип. Основата се четири цилиндри, два литра работна зафатнина, заеднички и за бензинците и за дизелите, а варирањето во моќноста ќе се постигнува преку степенот на турбонатполнење. Врвниот модел ќе користи комбинација од турбонатполнење и механички компресор, плус помош од електромотор – што на крајот ќе даде 400 КС, при емисија на СО2 од само 60 g/km. Техничарите се горди и на успехот да ги интегрираат компонентите од хибридниот погон без жртвување на просторот во кабината или во багажникот.
Сите идни модели на Volvo, почнувајќи од серијата „60“ па нагоре, ќе можат во иднина да се произведуваат паралелно на иста лента, како дополнителна придобивка од SPA. Тоа придонесува и за поевтинување на производството.
















