Mercedes повторно има нов систем што оди чекор поблизу до автономното возење. При задржување на рачката на трепкачите, новата класа Е престигнува автоматски.
Новата класа Е на Mercedes ќе биде уште „поинтелигентна“ од претходната со новиот систем за активно менување лента. Овој систем користи радар и камера и му помага на возачот при менувањето лента, на пример при престигнување на автопат. Покрај тоа што го прави возењето, активниот систем за менување лента придонесува и за поголема безбедност.
Според податоците на Mercedes, околу 15 проценти од незгодите на патиштата се случуваат меѓу возила што возат во иста насока, а една петина од овие незгоди настануваат при менување лента. Mercedes во 2007 година го понуди системот за надгледување на мртвите агли, заради намалување на опасноста во овие ситуации, за три години подоцна да ја понуди и активната верзија. Системот работи на тој начин што на возачот освен оптички му дава и акустични предупредувања при активирањето на трепкачите и при опасност од незгода ги активира сопирачките од едната страна на возилото, за да спречи преоѓање во другата лента.
Автоматско престигнување во подрачјето на брзини меѓу 80 и 180 km/h
Сега е на ред следниот голем чекор. Како составен дел од Drive Pilot, активниот асистент за менување лента самостојно ја насочува класата Е во лентата за престигнување кога возачот ќе ја задржи рачката на трепкачите подолго од две секунди – под услов да нема други возила околу. Системот фунционира на истиот начин и при враќањето на возилото. Радар за долго подрачје и стереокамера го надгледува подрачјето пред возилото, додека повеќеподрачни радари постојано го контролираат подрачјето отстрана и зад возилото. Уредите ја земаат во предвид и брзината на детектираните возила околу. Задача на возачот е само да го надгледува процесот на престигнување. Автоматиката функционира во подрачјето меѓу 80 и 180 km/h, а доколку возилото е опремено и со систем за навигација, системот автоматски препознава кога возилото се движи по автопат или пат со повеќе ленти.
Активното менување лента се исклучува кога сензориката ќе препознае пречка или кога не може да ги „види“ ознаките на лентите, кога возачот ќе сврти во спротивен правец или кога ќе се исклучи системот за автоматско пилотирање. Новиот асистент за активно менување лента е составен дел од Drive Pilot, односно од пакетот системи за асистенција кој ќе доживее премиера во новата класа Е. Продажбата на бизнис-лимузината во Германија ќе стартува напролет.
















