за

Најсилниот Opel вози со 325 КС

Најмногу што може да понуди сериски Opel се 325 КС и 435 њутнметри – тоа се податоци вредни за почит. Opel Insignia OPC доаѓа во освежено издание на салонот во Франкфурт.

Новата генерација на Insignia OPC се препознава на прв поглед. Новиот нос и опаш на топ моделот на Opel, со типичните дизајнерски елементи во форма на заби на сабјарка и издувните цевки вградени во задниот браник ја нагласуваат моќта на возилото.

Opel-Insignia-OPC-287561-medium

Повеќе промени претрпе техниката под ламарината. Исто како кај останатите модели од семејството на Insignia, 60 проценти од компонентите на задната оска се преработени. Покрај тоа, со обемни мери за намалување на бучноста и вибрациите е постигната похармонична работа на подвозјето. Промени има и во софтверот за програмата на стабилност, како и во софтверот за приспособливата амортизација FlexRide. Со овие мери се постигна уште поголема динамика во возењето, затоа што системите реагираат побрзо и попрецизно на промените во подлогата и на маневрите на возачот.

270 km/h во верзијата без ограничување на брзината

Со мануелен шестстепен менувач и погон на сите тркала, лимузинската OPC спринтува до сто за 6,0 секунди, а крајната брзина е ограничена на 250 km/h. На комбито му се потребни 0,3 секунди повеќе до сто. Во верзијата без ограничување на крајната брзина, најмоќниот Opel продолжува до 270 km/h. Спортските сопирачки од Brembo гарантираат силно забавување и издржливост и при поголемо оптоварување.

Opel-Insignia-OPC-287555-medium

Insignia OPC профитира и од електронски регулираниот погон на сите тркала. Со спојка според принципот Халдекс и електронски симулирана блокада на диференцијал, погонот на сите тркала се грижи за оптимална тракција и го распределува вртежниот момент од нула до 100 проценти меѓу предната и задната оска, како и дополнително меѓу задните тркала.

Кокпитот оддава чувство на спортски автомобил

Внатрешноста непогрешливо укажува дека се работи за адреналинска машина, со седишта Recaro, комплетно нова инструмент табла и преработена средишна конзола и со рачка на менувач во стил на OPC. На дисплејот од осум инчи што е достапен со доплата може да се следат податоци за притисокот и температурата на масло, за напонот на акумулаторот, за положбата на придушницата, моќта на сопирање или за попречното забрзување.

Opel-Insignia-OPC-287554-medium

Новиот спортски волан кај моделите со автоматски менувач поседува палки за мануелно менување на степените, кои реагираат и кога менувачот е во автоматски модус. Ако палките не се користат дванаесет секунди, возилото продолжува во автоматски модус. На тој начин Insignia OPC ги комбинира предностите на мануелен и автоматски менувач. Актуелниот модел на Insignia OPC на нашиот пазар стартува од 44.036 евра за лимузинската изведба.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen го подготвува новиот Golf Plus

Skoda Octavia достигна четири милиони примероци