Најголемата летна бесмислица: Како најбрзо да го изладите автомобилот

Јапонско видео прикажува сензационален начин за нагло спуштање на температурата во кабината. Клима уредот во автомобилите отсега станува вишок, конечно е пронајдено решение за најголемиот проблем на човештвото?

Сте забележале во скоро време колку чудно се однесуваат некои возачи? Пред да седнат во возилото што е вжештено на летното сонце, го отвораат прозорецот во возачката врата, брзо се упатуваат од спротивната страна, ја отвораат и потоа силно ја затвораат совозачката врата, најмалку десетина пати. Станува збор за најновата јапонска техника за брзо ладење на кабината на возилото. На видеото што датира од 2011 година, на крајот се докажува ефектот од необичното дејание. Температурата на воздухот во кабината навистина се намалила за 10 степени, за само неколку секунди. Целата автомобилска индустрија со децении нé држела во заблуда дека клима уредот е тој што се грижи за температурата во кабината да се спушти на подносливо ниво.

Не, сосема е сигурно дека возачите нема да ја прифатат оваа практика, а исто толку е сигурно дека само малкумина ќе признаат дека навистина го испробале овој „трик“. Што всушност се случува? Точно е дека температурата се намалува и на овој начин побрзо се отстранува топлиот воздух од кабината, но далеку од тоа дека „трикот“ треба да се прифати како откритие за коешто човештвото ќе биде благодарно. Со тоа што ќе го „избркаме“ врелиот воздух од кабината, не сме постигнале ништо. Не е загреаниот воздух тој што го оневозможува седнувањето во вжештената кабина, туку изворот што го загрева воздухот. Под дејство на сончевите зраци се загрева секој дел во кабината и дејствува како радијатор. Тоа е причината зошто воздухот е врел. За навистина да се постигне пријатна температура во кабината, сепак е потребно малку подолго време од неколку секунди.

Како тогаш правилно да се однесуваме со жештината. Исто како и досега. Возилата, по можност, ги паркираме во сенка, без премногу грижа дали „слободното дрво“ ќе остави траги врз лакот, затоа што оставањето на возилото под силно сонце сигурно е повеќе штетно отколку миењето на возилото во интервали од неколку денови. Панелите што се поставуваат на ветробранот или врз кокпитот се вистински лек за летниот период, особено оние со сребрен филм, затоа што ја одбиваат топлината. На задните прозорци исто така може да се постават заштитни панели за сонце, исто како и на задното стакло. Подобро е да се минат неколку минути во отстранување на овие панели пред поаѓање, отколку да се чека жешкиот воздух да излезе од кабината – или да се „лупаат вратите“ како кај Јапонциве.

Пред да седнете во возилото, отворете ги вратите и пуштете го клима уредот да работи на средна брзина, за топлиот воздух да излезе од системот. Затворете ги вратите и пуштете ја климата да работи на рециркулација, ладејќи го само воздухот во кабината, место да повлекува топол воздух однадвор. Ако не ви се чека неколку минути или живеете во земја каде што е забрането возилото да се остава да работи во место поради заштита на животната средина – секако, откако ќе оставите жешкиот воздух да излезе од кабината – можете да појдете веднаш со подотворени прозорци. И тоа е поефикасно од „лупањето“.

Откако ќе се подизлади воздухот во кабината, задолжително да се исклучи рециркулацијата и да се префрли во нормален режим на работа на клима уредот. Нормално местење на температурата е меѓу 22 и 24 степени Целзиусови. Тоа се правилата што важеле отсекогаш. Револуционерните откритија, како на Јапонците во видеово, веќе одамна се минато во автомобилската бранша. Но, секогаш има расположение за нови лудости.

Претходна објаваMercedes GLC: Што сé умее новото подвозје на теренецот од класата C
Следна објаваВидеопрезентација на новиот Mercedes GLC

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here