за

Научници развија подводен погон по пример на октопод

Тим од научници од Велика Британија, САД и Сингапур разви супербрз робот за примена како подводен погон. Сензацијата е во тоа што погонот „плива“ поефикасно дури и од рибите.

Кога октоподите ќе се почувствуваат загрозени и бегаат, тие нагло ја истиснуваат водата од нивната обвивка наназад. Меѓународен тим научници разви подводен погон којшто работи според истиот принцип. Техниката се состои од пластичен скелет во форма на торпедо и со должина од околу 30 сантиметри, којшто се изработува од поликарбонат на 3D-печатар и вметнат е во гумена обвивка.

Во оваа конструкција се пумпа вода со помош на надворешна пумпа за вода, којашто потоа се испушта нагло и погонот забрзува нанапред како балон што издишува. Притоа се постигнува забрзување од 14 должини на погонот во секунда на квадрат, како и степен на ефикасност од зачудувачки 53 проценти. Тоа значи дека овој „октоподски“ погон е поефикасен од рибите, па дури и од цврстите тела со оптимална форма, иако тој во испумпана состојба изгледа буквално како издишан балон.

Научниците ја објаснуваат ефикасноста со тоа што водата којашто струи дополнително ја притиска гумената мембрана и со тоа го засилува движењето. Подводните тела што ги има развиено науката обично имаат форма којашто е оптимална за движење во вода. Но, со исклучок на торпедата, коишто користат огромна количина на погонски средства, овие возила никогаш не постигнуваат брзина повисока од една должина на тело по секунда или забрзување од 0,1 g, иако поседуваат комплексна механика.

Според пресметките на научниците, ефикасноста на октоподскиот погон се подобрува со зголемувањето на неговите димензии. Погонот може да се користи во подводни возила, при што се постигнува брзината, маневрирањето и ефикасноста на примерот од природата. Тимот научници од Универзитетот Саутхемптон, Масачусетс Институт за технологија (МИТ) и сингапурскиот МИТ гледаат можна примена за подводни возила, коишто ќе можат да пливаат заедно со јатата риби, како еден вид дронови за подводни истражувања. Исто така се размислува за примена на сознанијата во дизајнирањето на авионски крила, заради намалување на отпорот на воздух.

Цврстите тела секогаш ја губат енергијата во околната вода. Во овој случај, роботската структура не само што го спречува тоа, туку и ја користи водата за произведување на супербрзиот погон. Роботот забрзува товар од еден килограм до 6 километри на час за помалку од една секунда. Тоа е исто како Mini Cooper да се натовари со 350 килограми и од место да се забрза до 96 километри на час (60 милји на час) од место – и сето тоа, под вода.

На YouTube е објавено видеото што ja прикажува работата на погонот.

https://www.youtube.com/watch?v=05dVbuRiqvI

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Зошто Германците купуваат автомобили 43 пати повеќе отколку Македонците?

Стартуваше производството на новата Suzuki Vitara во Унгарија