за

Краш-тест на возови: Зона на гмечење по пример на автомобилите

Високобрзинските возови во иднина ќе располагаат со нов вид на безбедносна структура што ќе ги штити патниците и ќе ги намалува последиците во случај на судир. Конструкцијата е исклучително едноставна, а функцијата е слична како кај зоната на гмечење во автомобилите.

Судир меѓу возови обично има катастрофални последици дури и при ниски брзини. Се работи за стотици тони маса во движење. Заради подобра заштита на патниците и на персоналот, научниците од Германскиот Центар за аеро- и астронаутика во Штутгарт развија нов вид на зона за гмечење, која што контролирано се деформира при судир и презема голем дел од енергијата.

Експертите во Центарот работат на нова генерација возови, којашто ќе биде побезбедна, покомфорна и штедлива, а еден од условите за тоа е намалување на тежината, што бараше и развој на нова и полесна зона на гмечење. Идејата на германските техничари беше да се постигне ефикасна структура што е составен дел од вагонот. Овие делови се додаваат кај постоечките вагони и непотребно ја зголемуваат тежината.

Заштитните елементи се состојат од метална рамка и повеќе метални цевки што се вградени надолжно. Овие цевки се главните компоненти при примањето на енергијата на судирот. Трансформацијата на енергијата при судирот се базира врз принципот на стеснување. Цилиндричните цевки под дејство на силите при судирот се вовлекуваат во други цевки чиј што внатрешен пречник постепено се смалува. Оваа контролирана деформација презема голем дел од енергијата на движење. Носечката рамка и подрачјата зад неа не претрпуваат деформација.

Тест со 80-тонски транспортен вагон при брзина од 18,5 километри на час

За проверка на новиот безбедносен концепт, техничарите на Центарот изработија прототип, којшто во критичните подрачја е изработен од нов вид челик со висока цврстина. Овој челик комбинира добра цврстина и добра еластичност, што е неопходно за примена во зоната на гмечење.

Протитипот беше поставен на 80-тонски товарен вагон во мирување. Идентичен вагон удри во првиот вагон залетан со брзина од 18,5 километри на час. Тестот докажа дека структурата функционира според очекуваното и енергијата на ударот се прима до тој степен што ниту еден вагон не претрпе оштетување. Вагонот во мирување се придвижи со мала брзина наназад.

Следен чекор на германските инженери е зоната на гмечење да се провери виртуелно на цела композиција, по што ќе следува нова серија тестирања, до идна примена на иновативните зони на гмечење во редовниот железнички сообраќај.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Караван Салон Диселдорф: На кого уште му е потребен недвижен дом?

Peugeot ќе претстави 26 нови модели до 2019 година: Теренци на местото на вановите