за

Караван Салон Диселдорф: На кого уште му е потребен недвижен дом?

Бизнисот им врви одлично на производителите на возила и прибор за кампување, со постојаниот раст во продажбата во последните години. Тоа дополнително ја поттикнува креативноста на производителите, што се забележува и на најголемиот европски салон за кампување, кој деновиве се одржува во германскиот Диселдорф.

Најважниот салон за кампување во Европа годинава се покажува во посилно и поразновидно светло од кога било досега. На 55-то издание на Караван-Салон во Диселдорф станува очигледно дека браншата е во постојан развој во последниве години, соборува рекорди во серија и продажбата ги надминува и најоптимистичките прогнози на менаџерите. Сето тоа ја поттикнува и креативноста. Компактните мобилни кампери и натаму се во тренд, исто како и настојувањата да се создаде попривлечна надворешност, блиска до стилот на автомобилите. Во одлична форма се покажуваат и внатрешните архитекти, со храбро изведени и иновативни нацрти.

volkner

Трендот за компактни кампери не треба да изненадува, затоа што најголемиот дел од возилата во овој сегмент располагаат со максимална тежина до 3,5 тони и можат да се управуваат со дозвола од категорија Б. Но, и во овој сегмент се наѕираат нови трендови. Постојано се зголемува бројот на доставни фургони и лесни транспортери што се претворени во кампинг возила, по пример на Volkswagen California, со неговиот легендарен покрив што се подигнува.

Расте интересот за возила за кампување изработени врз компактни транспортери

Словенскиот производител Adria за првпат нуди компактен мобилен кампер. Active е изработен врз база на Renault Trafic и цели точно во класата на VW California. Специјалистот Karmann на салонот на претставува втората варијанта на Colibri, со аголна кујна, па дури и со купатило и тоалет во задниот дел од комбито на Renault. Една категорија погоре е Hymercar Grand Canyon S на база на Mercedes Sprinter, кој најмногу го привлекува вниманието на посетителите, заедно со La Strada Avanti L, изработен врз основата од Fiat Ducato.

Caravan Salon Diseldorf 30

Иако е сосема извесно дека компактните фургони наскоро ќе ги заменат полуинтегрираните кампери како најпопуларна категорија, најмногу новитети на салонот и натаму има меѓу подвижните домови со кабина од основното возило и надградба за кампување одзади. Токму во категоријата на полуинтегрираните камери се забележува најголемата креативност и иновативност на конструкторите.

Камперите ги преземаат стилските елементи од автомобилите

Пример за новиот дизајнерски правец е Niesmann & Bishoff Smove, кој несомнено е меѓу најатрактивните ѕвезди на салонот. Со мекиот преод меѓу возачката кабина и надградбата, Smove изгледа слично како интегриран кампер, но без да делува гломазно. Во предниот дел јасно се забележуваат стилски потези што потекнуваат од автомобилското подрачје.

Morelo Empire Liner_01

Неприкосновен меѓу сите возила на салонот во Диселдорф е луксузниот крстосувач Morelo Empire Liner, кој со 10,3 метри е долг речиси колку туристички автобус, но затоа и чини 435.590 евра во верзијата изложена во Диселдорф. Основата е Mercedes Atego, моторот располага со 300 КС. Новата креативност на дизајнерите внесува голема разновидност во секојдневието. Порано моделите се разликуваа само според тоа дали во задниот дел располагаат со единечни или двојни лежаи, вградени надолжно или попречно.

Лежаите што се спуштаат од таванот внесуваат нови можности

Многу нови можности се отвораат со подвижните лежаи што се спуштаат од таванот. Кај Hymer Duo Mobil, на пример, подвижен лежај е поставен над возачката кабина и истиот нуди простор за двајца. Овие лежаи постоеја и порано, но обично се користеа кај интегрираните камери и отвораат во еден правец. Сега веќе се експериментира во сите можни правци и тоа во сериски модели, место во концепти за прикажување на салоните.

Меѓу најважните трендови во браншата почнува да се издвојува и дигитализацијата. Пристапна точка за поврзување во мрежата се нуди речиси како стандард, а наскоро ќе се збогатува и понудата од мобилни апликации, со коишто паметните телефони ќе се претвораат во контролни панели за камперите. Преку мобилниот телефон ќе се контролираат светлата, греењето и климатизацијата, но и ќе се проверува нивото на питка вода или на наполнетоста на контејнерот за отпадна вода.

Vario Mobil Perfect 1200 Platinum

Поскромна е понудата од мобилни кампери со надградба над возачката кабина. Како новитети тука се издвојуваат Dethleffs Grand Alpa A7820-2, со должина од 8,6 метри и изобилство од простор, исто како и Bürstner Lyseo на база на Volkswagen T6. Овој сегмент сепак ќе продолжи да опстојува, првенствено поради тоа што возилата со надградба над кабината ја сочинуваат основата на понудата на фирмите што ги издаваат камперите.

Најскапото возило на салонот чини 1,23 милион евра – и има што да понуди

Покрај Morelo Empire, на салонот во Диселдорф има уште едно возило што не може да се превиди. Луксузниот крстосувач Vario Perfect 1200 Platinum е апсолутен врв во браншата, со основа од Mercedes Actros, со мотор со 428 КС и три лизгачки еркери за максимално проширување на просторот во возилото. Покрај тоа што располага со сиот замислив луксуз, во овој гигантски кампер има место и за скапоцен олдтајмер Mercedes 300 SL. Со цена од 1,23 милион евра, Perfect Platinum е најскап меѓу сите 2.100 изложени возила на салонот.

Организаторите предвидуваат дека годинава ќе се надмине ланскиот рекорд од 200.000 посетители. За големиот интерес да се задоволи, салонот доби уште една хала, за покрај возилата да го собере исиот прибор, техничка опрема, доградби и надградби, како и туристички понуди. Врв на салонот е шоуто на олдтајмери коешто ги прикажува петте полни децении на камперските возила.

[FAG id=25313]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Optima со комплетно моделско семејство: Комби, хибрид и GT

Краш-тест на возови: Зона на гмечење по пример на автомобилите