за

Калифорнија ќе ги запленува автономните такси-возила на Uber

Компанијата за алтернативен такси-превоз во декември стартуваше со превоз на патници со автономни возила во Сан Франциско, без претходно да обезбеди одобрение, како што тоа веќе го сторија конкурентите Google, Tesla и Honda. Калифорнија сега предложи закон со којшто ќе се запленуваат неовластените возила.

Американската сојузна држава Калифорнија поднесе предлог закон со којшто се предвидува казна во висина од 25.000 долари за лицата што неодобрено ќе користат автономно возило за професионален превоз на патници. Полицијата ќе биде овластена да ги запленува овие возила што користат технологија за автономно возење. Иницијативата е покрената поради однесувањето на алтернативната такси-служба Uber.

Во изминатите година и пол Uber интензивно работеше на развој на автономна технологија, меѓу другото оствари и партнерство за заеднички развој на возила со автономна технологија со шведскиот производител Volvo. Летоска од компанијата најавија дека во декември ќе стартуваат со превоз на патници со автономни такси-возила во Сан Франциско. По само неколку часови од почетокот на проектот интервенираа градските власти, обвинувајќи го Uber за прекршување на постоечките закони, но компанијата продолжи со својот проект.

Uber едноставно го пресели својот проект од Калифорнија во Аризона

Властите потоа ги поништија регистерските ознаки на возачите на Uber и побараа фирмата да обезбеди официјално одобрение, исто како што тоа претходно го направија конкурентите Google, Tesla, Honda, BMW и Ford. Но, место да постапи според барањата на калифорниските власти, Uber едноставно го пресели својот проект во Аризона.

Ова не е прв спор меѓу такси-компанијата којашто своите услуги ги базира врз мобилна апликација и Сончевата Држава. Преклани летото, Uber плати казна во висина од неколку милиони долари, поради тоа што одби на државата да ѝ даде увид во реализираните возења и сообраќајните незгоди во коишто учествувале такси-возилата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричните автомобили ќе полнат батерии без потреба од кабел

Ова е (сепак) најбрзиот електричен автомобил во светот: Enfield 8000