за

Како се случи Škoda Two Door да стане Tudor

Еден од најзначајните модели во историјата на Škoda се појави пред 70 години. Музејот на чешката марка го прославува јубилејот на моделот со „погрешно“ име, Tudor место Two Door.

Škoda одбележува посебен јубилеј. Пред точно 70 години започна производството на првиот повоен модел, Škoda 1101 Tudor. Со него започна новото поглавје на марката, коешто Škoda го одбележува со посебна изложба во музејот во Млада Болеслав. Škoda 1101 ги наследи моделите Popular и Rapid, со коишто марката стана најголем производител на автомобили во поранешната Чехословачка уште во 1936 година.

Новата моделска серија се одликуваше со привлечен дизајн и модерна техника за своето време. Школката беше поставена на централна цевна рамка, тркалата имаа независно водење, а четирицилиндарецот од 1,1 литар располагаше со моќност од 32 КС. Основа на широката понуда од моделски изведби беше каросериската верзија со две врати од 1946 година. Токму оттука произлезе и името Tudor, како деривација од англиското „two door“. Потоа во понуда се најде и лимузина со четири врати, којашто првенствено се користеше како службено возило за владините претставници и дипломатите. Лимузината го презеде приматот на најпродавана моделска изведба во 1949 година.

Кабриолет и родстер како врв на понудата во моделското семејство на Tudor

Врвот на понудата го сочинуваа популарните кабриолети и родстери во моделското семејство Tudor. За практичните потреби се грижеше комбито со ознака STW, како кратенка од Station Wagon, а се нудеше и фургон со два странични прозорци. Уште во тоа време, последниве две верзии на Tudor располагаа со преклоплива задна клупа, со што товарниот простор достигаше до 1,49 метар во должина и 1,38 метар во ширина.

Специјални верзии беа Škoda 1101 VO (vojenský otevřený – отворено воено возило) и 1101 P (pohotovostní – за итна помош), приспособени како теренско возило и меѓу другото користени од војската на Португалија, Саудиска Арабија и Египет.

Производството на моделската серија 1101, односно 1102 по модернизацијата, се одвиваше во компанијата во државна сопственост AZNP (Automobilové závody, národní podnik – Автомобилски фабрики, национална корпорација). Шасијата и целата техника се произведуваа во Млада Болеслав, а каросеријата во фабриките во Квасини и Врхлаби. Овие три локации и денес ја сочинуваат производствената мрежа на Škoda во Чешка.

Извоз на 76 пазари, од Бразил и Канада до Јужна Африка и Австралија

Меѓу 1946 и 1952 година се произведоа 66.904 примероци од Tudor во цивилна варијанта и 4.237 примероци во специјалните изведби за војската. Две третини од произведените примероци од Škoda 1101/1102 во 1947 година биле извезени во 36 држави, за четири години подоцна пазарот за извоз да порасне на 76 држави. Меѓу најважните пазари спаѓале Полска, Холандија, Белгија и Германија, но моделот постигнувал солидни продажби и во Австралија, Бразил, Индија, Јужна Африка и Канада.

Не изостанувале ниту успеси на тркачките патеки. Трио од Škoda Tudor победило во класата до 1,1 литар на 24-часовната трка на белгискиот Спа Франкоршамп во 1948 година. Специјалните серии Škoda Sport и Supersport располагале со посилни мотори, вклучувајќи и 1,5-литарски мотор со механички компресор Roots и со моќност од 180 КС, со кого Tudor постигнувал над 200 километри на час. Спортските успеси послужиле како одлична реклама за извозните пазари, но и за постојано усовршување на моделите од сериското производство.

Škoda 1101/1102 има почесно место во долгата историја на марката од Млада Болеслав. Наследникот продолжи со истиот технички концепт до 1964 година, кога стартуваше комплетно новата генерација Škoda 1000 MB со мотор назад и самоносечка каросерија.

[FAG id=24253]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оваа дама го „произведува“ звукот на Seat

Skoda преименува цел град по својот нов теренец