за

Кабриолетот од Mercedes C-Class е автомобил 4 x 4 x 4

Ако во моментов постои марка што е специјализирана за кабриолети, Mercedes е марката. Дури пет отворени варијанти се во понуда, никој нема повеќе. Новиот кабриолет од C-Class е автомобил 4x4x4.

Фанатиците на возењето под отворено небо можат да здивнат. Кабриолет во семејството на C-Class пристига како петта можност да се вози без покрив, под марката Mercedes. Најдостапна, исто така. Моментно никој не нуди повеќе кабриолети или родстери во моделската програма од марката од Штутгарт. На врвот на понудата, по речиси половина век повторно има кабриолет изведба од S-Class, на спортските класичари им се нуди родстерот SL, потоа следи елегантниот кабриолет во гамата на E-Class, па пргавиот SLC. Последен и петти член во понудата е кабриолетот во гамата на C-Class, чијашто продажба штотуку стартуваше.

Според Томас Вебер, шеф на развојот во Mercedes, кабриолетот од C-Class нуди „решение 4х4х4 – четири седишта, четири годишни времиња, погон на четири тркала.“ Mercedes донеодамна имаше или можеше да има проблем со четирите годишни времиња, поради правниот спор околу патентот за таканаречениот фен за врат, но тој во меѓувреме е разрешен и марката повторно може да ги продава своите кабриолети, а топлиот воздух да го грее вратот на патниците и при возење без покрив во студеното годишно време.

Дијапазон на моќност од 156 до 510 КС

Во понудата на мотори е покриена секоја желба и потреба, со дијапазонот на моќност меѓу 156 и 333 КС, со пет бензинци и три дизели. Врвот им припаѓа на варијантите C43, C63 и C63 S, соодветно со моќност од 367, 476 и 510 КС, додека почетокот на понудата го одбележува C 180. Во ценовникот на Mercedes за македонскиот пазар уште отсуствуваат кабриолетот од C-Class, но за ориентација може да послужи купето, кое што стартува од 37.990 евра за C 180. Кабриолетот на тоа ќе додаде уште неколку илјади евра.

Во споредба со лимузината, подвозјето е спуштено за 15 милиметри, а соодветно на тоа и динамиката е ориентирана повеќе кон спортско возење. Кабриолетот вози стандардно со челични пружини и приспособливи амортизери, опцијата за пневматска амортизација и натаму стои како ексклузивност на C-Class. Дополнително постои и избор на спортско подвозје, со постегната амортизација и подиректно управување, коешто инаку е стандард кај моделите со значката на AMG.

Комбинација од сé во едно нуди Mercedes-AMG C 43 4Matic, со погон на сите тркала чијашто распределба во сооднос 31:69 меѓу обете оски дополнително се грижи да обезбеди спортска динамика во возењето. Возачите на коишто им е најважна суштината на кабриолетот во возењето под отворено небо, ќе бидат среќни и со основните модели во понудата на C-Cabriolet. Како стандардна опрема следуваат диодни светла, спортски седишта и цел арсенал системи за асистенција, вклучувајќи и самостојно запирање при опасност од судир.

Заеднички за сите модели е зафатнината на багажникот. Зависно од тоа дали платнениот покрив е собран или се вози под покрив, багажнкот нуди зафатнина меѓу 285 и 360 литри. Собирањето на покривот трае дваесетина секунди и може да се врши и при брзини до 50 километри на час.

Списокот на опции е вообичаено богат, вклучувајќи платнен покрив со дополнителна звучна и топлинска изолација, спомнатиот фен за врат Airscarf, кожа што го рефлектира сонцето и не се вжештува, па сé до проекциски дисплеј, озвучување Burmester, AMG Line или активен темпомат.

[FAG id=24584]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Amazon Prime ќе испрати тројца среќници на снимањето на The Grand Tour

Осумцилиндарецот на Ferrari ја освои титулата на светски мотор на годината