за

Зошто салон на автомобили не може да биде саем на автомобили?

Не сме виновни ние што не знаеме. Кога е одржан последниот „Аутоекспо“ во Скопје? Или подобро, кога ќе се одржи следниот?

Салоните на автомобили се одржуваат во Детроит, Женева, Париз, Франкфурт, Токио. Саемите на автомобили, пак, може да се одржат зад куќа кај Трајче или во нива на Трпана.

Секогаш кога се одржува некој од големите салони на автомобили во светот, ентузијастите се вознемируваат. Не само поради возбудата во исчекување на последното што во тој момент има да го понуди индустријата на четири тркала, туку многу повеќе поради насловите што од секоја страна ќе почнат да се појавуваат со вести дека таа и таа марка го претставила тој и тој автомобил. Се одржува саем на автомобили во Детроит … Автомобил што лета прикажан на автосаемот во Женева … Разголени девојки на саемот во Кратово …

Секој што умее да создаде вест без препишување, а можеби некогаш и присуствувал на извесната манифестација кога најголемите производители на автомобили и неколку помали се собираат да покажат и да се покажат, знае зошто салонот на автомобили не може да биде саем на автомобили. Проста е дефиницијата и лесна е за помнење: На салон се изложува, на саем се продава. Значи салон на автомобили е салон на автомобили, а саем на автомобили е можеби само малку помалку малограѓанска форма на именување на панаѓур на автомобили.

Според „Вебстер“, кусо, салон е хала во којашто се изложува уметност. Салон може да биде и за убавина, но не може да биде саем за убавина. Во салонот дома се примаат и гости за да им се соопшти нешто важно, да се прослави, одбележи. Но, гости не се примаат на панаѓур. На панаѓур доаѓа кој стигне.

Затоа, овие манифестации, како салонот на автомобили во Детроит, што се одржува во овие денови и за когошто човек ќе дознае и кадешто најмалку очекува и когашто најмалку очекува, би требало да се почитуваат повеќе, особено од страна на информаторите што имаат намера да се претстават како специјалисти за пренесување на информации од конкретната област.

Но, не сме за обвинување ние што не знаеме. Кога е одржан последниот „Аутоекспо“ во Скопје? Или подобро, кога ќе се одржи следниот?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Водородната Toyota се продава подобро од очекувањата

Премиерот на Јапонија ќе вози автомобил на водород